„Фолксваген“ го навести „Голф 9“
- Фотографијата предизвика голем интерес во Германија, каде што „Голф“-возилата сè уште се најпродаваните автомобили.
Волфсбург, 6 март 2026 (МИА) - Германскиот автопроизводител „Фолксваген“ (Volkswagen) за првпат го покажа обликот, т.е. силуетата на идниот „Голф 9“ - моделот што ќе ја наследи сегашната генерација. Иако е само најава, фотографијата предизвика голем интерес во Германија, каде што „Голф“-возилата сè уште се најпродаваните автомобили.
Силуетата на новиот модел им беше претставена на вработените за време на состанок во седиштето во Волфсбург, и веќе е јасно дека и деветтата генерација на „Голф“ ќе го задржи својот препознатлив изглед. Според првичните впечатоци, и новиот ќе се потпира на сегашниот модел во однос на дизајнот, но и на „Голф 7“. Овој пристап е дел од стратегијата предводена од шефот за дизајн Андреас Минт, и веќе е применет на моделот „Поло“.
„Фолксваген“ очигледно сака да ја задржи познатата силуета и пропорции, така што изгледот на новиот модел ќе остане препознатлив.

Промени се очекуваат и во производството. „Голфот“ со мотори со внатрешно согорување ќе се произведува во Мексико од 2027 година, додека „Полото“ на бензин веќе се произведува во Јужна Африка. Компанијата веќе навести дека „Голфот“ со внатрешно согорување би можел да остане во производство уште многу години, а можно е да добие голем редизајн кога ќе се појави електричната верзија.
Електричниот „Голф“ се очекува најрано во 2028 година, но нема значително да се разликува од бензинската варијанта.
Промени се очекуваат и во ентериерот. „Фолксваген“ планира да се оддалечи од големиот број површини на допир со што се одликуваше последниве генерации. Во следните модели, класичните копчиња повторно ќе се појават на воланот и на централната табла. Се споменува и друг занимлив додаток - ретро-дисплеј за инструменти инспириран од легендарниот „Голф I“, којшто би можел да се избере на дигиталната инструмент-табла и на екранот за инфозабава. Ретро-дисплејот треба да се појави и во електромобилот.
Пред новиот „Голф“ да пристигне на пазарот, „Фолксваген“ најави производствена верзија на малиот електричен модел „ИД еври1“. си/сд/
Фото: „Фолксваген“; Фејсбук-објави, фотоисечоци