Филипче: Пржинската влада мора да остане или СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик
- Пржинската влада мора да остане, во спротивно пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Скопје, 23 април 2026 (МИА) - Пржинската влада мора да остане, во спротивно пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик,- изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче на прес-конференција во Собранието нагласи дека со целосно автократскиот манир на владеење на аклтуелната власт, пржинската влада е единствен контролен механизам што гарантира фер и слободни избори.
- Овој целосно автократски манир на владеење на оваа власт што го гледаме е еднаков на владеењето на Никола Груевски. Ако денеска помине на Комисија овој Закон за Владата како што е, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за Изборниот законик - изјави Филипче.
Тој посочи дека како партија мора да укажат и граѓаните да знаат со каква власт имаат работа и зошто, како што нагласи, се бега од контрола и механизам што гарантираат фер и слободни избори.
- Ова е автократска власт. Апсолутно корумпирана. Зошто не сакаат да остане пржинската влада. Од што се плашат и бегаат - нагласи Филипче.
Прашан во однос на најавеното повлекување од Работната група за Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда, Филипче рече дека ниту еден друг закон од реформската агенда не е донесени и нагласи дека главен блокатор на европските преговори на земјава и реформската агенда е Христијан Мицкоски.
-Ние дававме предлози за реформските закони, никој не одговори од Министерството за правда и ниту еден закон не се донесе. Каква реформска агенда, тие тоа не ги интересира. Сега кога ќе снема пари во буџетот ќе се распишат избори – изјави Филипче.
Филипче исто така изрази уверување дека ќе има предвремени избори посочувајќи дека затоа им се брза со овие законски измени.
- Им се брза зашто снемува пари во буџетот за нивните бизнис-интереси. Се брза да се донесе законот за да се распишат предвремени избори. Законот за избори не може да се донесе без нашата пратеничка група - нагласи Филипче.
Прашан дали би учествувале на предвремени избори, Филипче рече, апсолутно да, „затоа што го слушаме гласот на наордот“. аа/са/
Фото: МИА
Видео: СДСМ