Филипче: Лажниот патриотизам на Мицкоски е разобличен
- Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека премиерот Христијан Мицкоски ретерираше од законот за двојни државјанства затоа што, како што рече, се дозна вистината дека министри, пратеници и други функионери на ВМРО-ДПМНЕ имаат бугарски пасоши.
Скопје, 24 април 2026 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека премиерот Христијан Мицкоски ретерирал од законот за двојни државјанства затоа што, како што рече, „зад реториката се кријат спротивни постапки на предавници на националните и државни интереси“.
- Вчера премиерот Христијан Мицкоски ретерираше од најавениот закон од неговите пратеници на ВМРО за тоа пратениците да немаат двојни државјанства. И уште една нивна лага е разобличена. Зошто? Поради тоа што министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници, функционери, директори на јавни претпријатија имаат бугарски пасоши. Толку од нивниот патриотизам. Лажниот патриотизам сè повеќе се разобличува и секој ден сè повеќе излегува на виделина. Еве зошто не ги прифатија нашите амандмани во коишто требаше тоа што тие го предлагаат да важи од овој актуелен состав, рече Филипче.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ требало да побара мислење од правни експерти, пред да го поднесат Законот за пратеници во Собранието, со кој се предвидува пратениците да имаат само едно државјанство.
- Вистината е дека ги пресретнавме и разобличивме уште една нивна лага, уште еден нивен лажен патриотизам, кога дадовме амандмани и најавивме дека тој предлог закон ќе важи и за актуелниот пратенички состав, а не како што тие сакаат од следните пратенички состави. И кога го поднесовме и нашиот предлог закон, членови на владата да немаат двојни државјанства, затоа што секогаш е големо прашање чии интереси штитат пратениците што имаат двојни државјанства, тие постепено ретерираат. Толку од лажните патриоти, рече тој.
Филипче го повтори ставот дека ќе ја напуштаат дебатата и учеството во работната група за Изборниот законик, доколку не биде повлечен Законот за Влада, со кој се предвидува укинување на техничката влада. Потенцира дека во врска со тоа ќе ги искористат сите демократски механизми.
Тој праша зошто премиерот инсистира да се укине Пржинската влада донесена со консензус, која, според него, е демократски механизам со којшто може да се спроведат фер и демократски избори.
Филипче реагираше на поставувањето на нов директор на МРТВ, оценувајќи дека тоа е „последниот сегмент во мозаикот на заробена држава“ што го гради власта.
- Ова е последниот дел од мозаикот на заробена држава во која институциите не им служат на граѓаните, туку на една партија и еден човек. Новиот директор на МТВ е последниот сегмент во тој мозаик. Тотален анонимус, човек без професионален бекграунд не може да ја води МТВ. Националниот сервис треба да биде независна институција, посочи тој.
Филипче се осврна и на Законот за полиција, според кој, како што рече, се укинува кариерниот напредок и со кој министерот за внатрешни работи со дискреционо право ќе може да назначува свои луѓе кои не ги исполнуваат досегашните критериуми за напредок во службата.
- На тој начин, Министерството за внатрешни работи и целата полиција ќе се депрофесионализира и ќе се партизира, додаде Филипче. фф/паг/
Фото: Принтскрин од видео