• понеделник, 16 март 2026

„Федекс“ ја тужи администрацијата на Трамп барајќи враќање на царините што ги платиле според законот за вонредни овластувања

„Федекс“ ја тужи администрацијата на Трамп барајќи враќање на царините што ги платиле според законот за вонредни овластувања

Вашингтон, 24 февруари 2026 (МИА) - Логистичката компанија „Федекс“ (FedEx) ја тужи американската влада за да ѝ ги врати царините што ги платила според законот за вонредни овластувања за кој Врховниот суд на САД во петокот пресуди дека е нелегално искористен за воведување царини.

Во тужбата поднесена вчера во американскиот Суд за меѓународна трговија во Њујорк, „Федекс“ бара „целосно враќање“ на сите давачки собрани според Законот за меѓународни вонредни економски овластувања од 1977 година (IEEPA).

Тужбата е насочена кон Царинската и граничната заштита на САД, која е дел од Министерството за внатрешна безбедност.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на вториот мандат се повика на IEEPA за да воведе царини на десетици трговски партнери без одобрение од Конгресот. Врховниот суд во петокот пресуди дека законот не го овластува претседателот еднострано да воведува тарифи.

Судиите не одлучија дали владата мора да ги обесштети увозниците оставајќи го тоа прашање на пониските судови.

Неколку американски медиуми ја опишаа тужбата на „Федекс“ како прва голема корпоративна тужба од американска компанија по пресудата. Логистичката компанија тврди дека претрпела штета со плаќање царински давачки, кои сега се прогласени за нелегални.

По судската одлука, набљудувачите очекуваат бран барања за враќање на средства. Според процените на Универзитетот во Пенсилванија, потенцијалните отплати би можеле да достигнат вкупно 175 милијарди долари, што е приближно 2,5 процента од федералниот буџет. сд/јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан