• среда, 18 март 2026

УЈП дел од европската дебата за иднината на оданочувањето

УЈП дел од европската дебата за иднината на оданочувањето

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Претставниците на Управата за јавни приходи (УЈП) активно учествуваа во европските дебати за современите даночни системи стекнувајќи искуства и градејќи партнерства за иднината на оданочувањето. Во изминатите два дена, директорката на УЈП, Елена Петрова, заедно со помошник-директорката Тања Анчевска, учествуваше на даночниот симпозиум на Европската Унија, со наслов „Иднината на оданочувањето: нееднаквост и раст во глобалната економија“, коорганизиран од Европскиот парламент и Европската комисија.

Симпозиумот, како што посочуваат од УЈП, обедини високи носители на политики и експерти од областа на јавните финансии и оданочувањето - сегашни и поранешни министри за финансии, директори на даночни администрации, генералниот секретар на ОЕЦД, претставници на Европската комисија, како и истакнати академици.

- Во фокусот на дискусиите беа клучни прашања за модернизација на даночните системи, со акцент на рационализација на обврските за даночно известување, поедноставување на правилата и процедурите и зголемување на правната сигурност, со цел намалување на административниот товар во областа на оданочувањето при истовремено обезбедување ефикасна заштита од даночна евазија и избегнување оданочување. Беше нагласено дека глобалниот даночен контекст значително се менува и носи зголемени фискални притисоци под влијание на демографските трендови, зголемените јавни расходи, климатските предизвици, новите технологии, како и глобалните политички предизвици - соопшти УЈП.

Во такви услови, се вели во соопштението, даночните политики треба да бидат усогласени со економските цели, да поттикнуваат продуктивни инвестиции и да придонесуваат кон одржлив економски раст.

- Особено внимание беше посветено на глобалниот минимален данок како инструмент за спречување штетна даночна конкуренција и намалување на практиките на префрлање на профитот, со што се зајакнуваат правичноста и стабилноста на даночните системи, а истовремено се намалува притисокот врз јурисдикциите да создаваат даночни поволности, кои чинат јавни приходи. Една од клучните теми беше и намалувањето на ДДВ-јазот, кој на европско ниво изнесува речиси 10 проценти од вкупните обврски. Во таа насока, беше истакната потребата од зајакнување на даночната усогласеност преку дигитализација, но и преку подобра размена на податоци и развој на аналитички капацитети во даночните администрации - посочуваат од УЈП.

Новите иницијативи за стандардизација на податоците, како ВИДА, како што велат, се гледаат како значаен чекор кон поефикасна наплата и заштита на приходите. Современите даночни администрации, додаваат, треба да се развиваат не само како органи за наплата туку и како организации базирани на податоци и аналитика, способни да одговорат на новите економски реалности.

- Во рамките на настанот претставниците на УЈП остварија средби со колеги од повеќе земји, со цел размена на искуства и продлабочување на меѓународната соработка. Учество на вакви настани од висок ранг е од особено значење за Управата за јавни приходи бидејќи овозможува пристап до најновите европски и глобални трендови, размена на добри практики и зајакнување на институционалните капацитети за градење современа, транспарентна и ефикасна даночна администрација - се потенцира во соопштението од УЈП. вј/дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан