Улична акција „Уметност против омраза“ во Куманово
- Со оваа акција, сакаме да покажеме дека омразата не може да биде лице на нашите улици - туку заедништво, храброст и креативност - пишува во соопштението.
Скопје, 25 април 2026 (МИА) - Улична акција насловена „Уметност против омраза“ ќе се одржи денеска во Куманово во периодот од 10 до 16 часот. Акцијата е организирана од неформална група мировни активисти собрани со поддршка на Центарот за ненасилна акција, со цел да се исполнат јавните простори со слики што промовираат солидарност, различност и заедништво, наместо пораки за нетолеранција и насилство, информираа од Центарот за ненасилна акција - Сараево - Белград.
- За време на настанот, средношколците од Гоце Делчев и Сами Фрашери, заедно со уметници од Здружението на ликовни уметници ФОРМА, ќе насликаат мурал што содржи пораки за мир и соживот, а членовите на неформалната група, студенти, како и уметници, ќе се обратат на публиката. Со оваа акција, сакаме да покажеме дека омразата не може да биде лице на нашите улици - туку заедништво, храброст и креативност - пишува во соопштението.
За во наредниот период, предвидена била слична акција и во Бања Лука, Босна и Херцеговина, како и во Ниш, Србија. бд/са/
Фото: Принтскрин / Соопштение