Турција очекува втората фаза од прекинот на огнот во Газа да започне на почетокот на следната година
- Зборувајќи за Сириските демократски сили (SDF), воено-политичка коалиција во Сирија составена главно од курдски милиции кои Турција ги смета за закана, на конференција со неговиот сириски колега Асад Хасан ал-Шабани во Дамаск, Фидан рече дека тие покажале мала подготвеност да постигнат напредок во разговорите за интеграција со владата во Дамаск.
Дамаск, 22 декември 2025 (МИА) - Турција очекува втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа да започне на почетокот на 2026 година, изјави денеска шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан.
Министерот Фидан на прес-конференција во Дамаск изјави дека разговорите меѓу американските, катарските и египетските претставници, кои се одржаа во Мајами за време на викендот, се фокусирале на пречките што го отежнуваат преминувањето на договорот во следната фаза.
Тој додаде дека приоритет е групата предводена од Палестина да го преземе управувањето со Газа, објавија британските медиуми.
Фидан е во работна посета на Дамаск со турскиот министер за национална одбрана Јасар Ѓулер и шефот на разузнавачката служба Ибрахим Калин.
Зборувајќи за Сириските демократски сили (SDF), воено-политичка коалиција во Сирија составена главно од курдски милиции кои Турција ги смета за закана, на конференција со неговиот сириски колега Асад Хасан ал-Шабани во Дамаск, Фидан рече дека тие покажале мала подготвеност да постигнат напредок во разговорите за интеграција со владата во Дамаск.
Тој додаде дека однесувањето на групата станало сериозна пречка за актуелните преговори, обвинувајќи ја за координирање на одредени активности со Израел.
Претходно беше објавено дека делегацијата ќе се сретне и со сирискиот претседател Ахмад ал-Шара и други високи сириски претставници за сеопфатно да го процени текот на турско-сириските односи во изминатата година по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад, пишува агенцијата Анадолија.сд/мс/
фото: ЕПА