• сабота, 21 февруари 2026

Трамп: Односите меѓу САД и Грција никогаш не биле посилни

Трамп: Односите меѓу САД и Грција никогаш не биле посилни

Атина, 18 февруари 2026 (МИА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на церемонијата во Белата куќа за предавање на акредитивните писма на новиот амбасадор на Грција во САД, Антонис Александридис, грчко-американските односи ги оценил како „посилни од кога било“ - објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Катимерини“ пишува дека американскиот претседател при примањето на акредитивите изразил „восхит за Грција, желба да ја посети земјата и упатил срдечни поздрави до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис“.

Во официјалното обраќање, според АНА-МПА, Трамп посочил дека пријателството меѓу Грција и САД е „силно, историско и засновано на заедничкото демократско и духовно наследство“ истакнувајќи дека очекува понатамошно зајакнување на билатералните односи.

Трамп се осврнал и на патот на Грција кон исполнување на целта на НАТО за одбранбени трошоци од пет отсто од БДП нагласувајќи дека Атина покажува „вистинско лидерско присуство“ во рамките на алијансата, но и дека „мирот се обезбедува преку сила“.

Во енергетскиот сектор ги споменал извозот на американскиот течен природен гас (ЛНГ) и вертикалниот коридор оценувајќи дека конкретните инфраструктурни проекти ќе ја зајакнат енергетската безбедност на поширокиот регион.

Паралелно, како што пишува АНА-МПА, се осврнал и на перспективите за зајакнување на соработката во бродоградбената индустрија, вклучително и разговори за изградба на американски фрегати во Грција, како и на проширување на билатералните односи во областа на трговијата и инвестициите. ср/сд/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан