Тошковски: Секој полицаец ќе даде максимум за спречување на насилство, но потребен е поефикасен институционален одговор
- Секој еден полицаец ќе даде максимум од себе за спречување на какво било насилство, особено насилство врз малолетни деца, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред почетокот на тркалезната маса за поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.
Скопје, 6 март 2026 (МИА) - Секој еден полицаец ќе даде максимум од себе за спречување на какво било насилство, особено насилство врз малолетни деца, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред почетокот на тркалезната маса за поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.
Тој посочи дека едeн од најголемите предизвици во справувањето со семејното насилство е ситуацијата кога жртвата ја повлекува изјавата дадена пред полицијата.
Министерот истакна дека постојат механизми во рамките на актуелната регулатива, но дека е неопходна постојана и проширена координација меѓу сите институции вклучени во системот. Тошковски додаде дека институциите имаат уште многу чекори за подобрување, но дека заедничкиот ангажман е клучен за навремена заштита на жртвите и спречување на понатамошни трагедии.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски на тркалезната маса изнесе податоци и регионални состојби од центрите за социјална работа во државата, укажувајќи на трендовите и предизвиците во системот на заштита.
Велковски информираше дека во 2026 година се поднесени 35 предлози, од кои 10 се завршени, а според статистиките за 2025 година, во центрите за социјална работа се евидентирани 1.754 нови случаи на семејно насилство. Од нив, 1.012 се жени, 257 мажи, а како секундарни жртви се евидентирани 228 деца.
Според видот на насилството, регистрирани се 729 случаи на физичко, 1.091 на психолошко, 12 на сексуално и 50 на економско насилство.
Велковски потенцираше дека бројките од година во година растат и дека службениците на центрите за социјална работа се соочуваат со сè посложени случаи. Тој посочи дека во рамките на центрите од 2020 година постојат протоколи за постапување, изработени со поддршка на невладиниот сектор, но дека нивната примена зависи и од меѓуинституционалната координација.

Според претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска, трагичните настани кои ја потресоа јавноста неделава се јасен сигнал дека институциите мора да реагираат посистемски и со поголема чувствителност кон жртвите на семејно насилство.
Таа истакна дека загубата на два човечки животи во само неколку дена не смее да биде релативизирана, нагласувајќи дека семејното насилство не е само правно, туку и суштинско општествено прашање – прашање на достоинство, безбедност и основно право на живот.
Семејното насилство, потенцира Димовска, не смее да се третира како приватен проблем, туку како кривично дело со сериозни последици, што бара брза, координирана и одлучна реакција.
Претседателката на Кривичен повика секој пријавен случај да биде сериозно третиран, мерките за заштита да бидат реални и контролирани, а проценките на ризик темелни.

Вршителката на должноста јавен обвинител на Република Северна Македонија, Анита Тополова‑Исајловска, информираше дека од почетокот на 2024 година до денес, евидентирани се 1.715 постапки за телесна повреда при семејно насилство, од кои 798 биле запрени поради повлекување на предлогот за гонење од страна на жртвата. Тоа, како што рече, било сериозен предизвик за обвинителството, бидејќи не постоел механизам да се утврди дали повлекувањето е израз на слободна волја или резултат на страв, зависност или семеен притисок.
Тополова‑Исајловска оцени дека последните измени на Кривичниот законик, донесени во јануари 2026 година, претставуваат значаен чекор напред, бидејќи му даваат можност на јавниот обвинител да преземе гонење по службена должност, дури и во случаи кога жртвата се повлекува.
-Жртвата смее да му прости на насилникот, но државата не смее, Со оваа порака професорката од Факултетот за безбедност, Стојанка Мирчева, укажа на сериозните слабости во институционалниот одговор на насилството врз жените.
Мирчева истакна дека и по повеќе од 20 години градење на законската и институционалната рамка, последиците од пропустите и понатаму се болни и трагични. Таа оцени дека постојат бројни конфликти, недоречености и празнини во законите, и ја повика стручната јавност да работи на нивно усогласување.
Како најкритичен проблем го посочи повеќе од 15-годишното спротивставување на полицијата да ја спроведува итната мерка за заштита, отстранување на насилникот од домот и забрана за приближување, како полициско овластување. Таа нагласи дека ова е единствената мерка што државата може веднаш да ја изрече без согласност на жртвата.

Мирчева предупреди дека во пракса се губат над 36 часа додека полицискиот предлог стигне до судијата кој треба повторно да ја изрече мерката.
-Во тие 36 часа пресметајте сами колку пати може насилникот да ја убие жртвата, истакна професорката.
Мирчевска укажа и на постоењето „култура на ненадлежност“ во институциите, која, според неа, произлегува од недоволно родово разбирање на насилството, отсуство на институционални политики и недостаток на едукација кај професионалците.
-Немојте да продолжувате со минирање на системот. Системот е миниран со тоа што не се гради родовото разбирање на насилството врз жените кај сите професионалци, а преку професионалците и кај пошироката јавност. Мислам дека македонското општество во вакви траорни ситуации покажува солидарност, покажува нетолеранција кон насилството врз жените. И колку трае тоа? До следната жртва, потенцира Мирчевска.
Таа нагласи дека општеството покажува солидарност само во моменти на трагедија, но институциите се тие што мора да обезбедат системска, навремена и доследна заштита. Порача дека за разлика од жртвата, државата нема право на простување кога станува збор за насилство, туку мора до крај да ги спроведе сите постапки за заштита и одговорност. бк/вј/
Фото: МИА