Почнува проектот „Икуалс“ за подобар пристап до правдата за лицата со попреченост
- Подобрување на пристапот до правдата за лицата со и без попреченост во земјата, како дел од процесите на интеграција во ЕУ и подобрување на системот за бесплатна правна помош, се целите на проектот чиј почеток денеска беше одбележан со собир одржан во Охрид.
Охрид, 20 февруари 2026 (МИА) - Подобрување на пристапот до правдата за лицата со и без попреченост во земјата, како дел од процесите на интеграција во ЕУ и подобрување на системот за бесплатна правна помош, се целите на проектот чиј почеток денеска беше одбележан со собир одржан во Охрид.
Станува збор за иницијатива што ќе се реализира во наредните три години преку регионалниот проект „Икуалс“, во организација на Министерството за правда во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП и со поддршка од Австриска агенција за развој (АДА).

Како што беше истакнато на средбата во Охрид, предвидено е во рамките на проектот да се озбезбеди еднаков пристап до правдата и правните механизми за сите граѓани, пред сè, како во делот на судската постапка така и во управните постапки.
Како што посочи заменик-министерот за правда, Ален Деребан, најчесто досега во земјата лицата поднесувале барања или користеле бесплатна правна помош за примарната правна помош, што ја обезбедуваат подрачните одделенија на Министерството за правда, правните клиники или здруженија на граѓани.

- Барањата за бесплатна правна помош се однесуваат главно на имотно-правни проблеми, семејни проблеми, како бракоразводни проблеми, постапки за изрекување мерки при семејно насилство и слично... - рече Деребан.
Постојаниот претставник на УНДП во земјата, Армен Григорјан, истакна дека регионалната иницијатива за Северна Македонија и за Албанија е адресирана до лицата што самите за себе не може да си дозволат правна помош.

- Нашиот партнер во Македонија е Министерството за правда, како и националните институции и граѓански организациии. Проектот е се спроведува во сите осум плански региони, со организации што ќе треба да обезбедат бесплатни правни услуги за луѓето, и тоа обезбедувајќи квалитетна правна помош. За таа намена во оваа фаза предвиено е да бидат обучени 150 профенсионалци, што ќе треба да обезбедат квалитетна бесплатна правна помош за 1500 корисници - рече тој.
Василка Димоска-Де Јонг, генерален секретар на републичкиот Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, рече дека многу од лицата со интелектуална или телесна попреченост како потенцијални корисници на бесплатна правна помош се истовремено лица од низок социјален статус, кои и дополнително од финансиски причини не може да си обезбедат соодветна правна помош.

- Станува збор за навистина маргинализирани лица, не се целосно запознаени за правата што би можеле да ги остварат. Од друга страна, немаат капацитет да се борат за остварување на своите права. Сметаме дека ваквите иницијативи ќе бидат голема поддршка и унапредување на нивните права затоа што потребите на лицата со попреченост се истовремено и основни човекови права - рече таа.
Иницијативата како оваа, посочи Де Јонг, значи чекор понатаму во хармонизација на националната легислатива и активностите не само со европските туку и со меѓународните практики.
- Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е обврзувачко тело за сите земји потписнички, меѓу кои и нашата држава. Тоа значи дека сме на добра патека за почнеме да размислуваме и за правата на ранливите категории граѓани во нашето општество - рече таа.
Минатата година во земјата примарна првна помош користеле 5.071 лице, а секундарна првна помош користеле 258 граѓани. Вкупно биле поднесени 339 барања за секундарна првна помош, што ја даваат адвокатите, од кои одобрени биле 258 барања. аб/са/
Фото: МИА