Старите дуќани во гевгелиската чаршија добија нова фасада
- Во тек е поставување нова фасада на дотраените дуќани во Старата чаршија во Гевгелија, во рамки на проектот за конзервација, реставрација и реконструкција што го спроведува Министерство за култура и туризам. Паралелно со фасадирањето, се обновува и пешачката зона со поставување гранитни плочи, информираат од Општина Гевгелија.
Гевгелија, 20 февруари 2026 (МИА) - Во тек е поставување нова фасада на дотраените дуќани во Старата чаршија во Гевгелија, во рамки на проектот за конзервација, реставрација и реконструкција што го спроведува Министерство за култура и туризам. Паралелно со фасадирањето, се обновува и пешачката зона со поставување гранитни плочи, информираат од Општина Гевгелија.

- Изведбените работи се одвиваат интензивно. На двете страни од чаршијата, на улиците Бранд Петрушев и 7 Ноември поставена е целосно нова подземна инфраструктура, што беше доста тежок и долг процес од техничка природа. Во тек се изведбените работи за партерно уредување и фасадирање на дуќаните во Старата чаршија, по што ќе следи хортикултурно уредување и поставување на ново осветлување. Наскоро овој споменик на културата, целосно обновен и реставриран, ќе биде достапен за граѓаните, како и за бројните туристи кои престојуваат во нашиот град, велат од кабинетот на градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.

Целосната реконструкција на Старата чаршија, која е заштитено културно наследство од XIX век, изнесува над 40 милиони денари. Целта на проектот е Гевгелија да добие простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови. рш/дма/
Фото: МИА архива