Стагнира интересот за купување нови парцели во општина Старо Нагоричане
- По растот на цените, за парцелите во Старо Нагориначе, интересот за купување недвижности во последните две до три години е во мирување.
Куманово, 17 февруари 2026 (МИА) - Стагнира интересот за купување нови парцели во Општина Старо Нагоричане, откако изминатите години, општината бележеше зголемен интерес за купување парцели и изградба на објекти, особено од граѓани од Куманово и други градови. Според градоначалникот Мирослав Славковски, овој тренд беше најизразен во периодот на пандемијата, кога вредноста на недвижностите достигнала и до четирикратно повисоки цени во однос на претходно.
- Факт е дека во периодот на короната се изградија многу објекти, се купија многу парцели и вредноста на имотот порасна значително. Но, во последните две до три години има реална стагнација во побарувањата и цените, изјави градоначалникот.

Во однос на приходите на општината, тој појаснува дека согласно закон, се наплатува данок на промет на недвижности, што носи одреден прилив во буџетот
- Подолг период сме на иста ставка кога станува збор за даноците. Немаме зголемени побарувања. Затоа како правен субјект ќе размислуваме за ажурирање на базата на податоци, да имаме точни информации за сите објекти и да обезбедиме поголем прилив во буџетот, изјави Славковски.
Старо Нагоричане важи за една од најатрактивните рурални општини во државата, со богато културно-историско и природно наследство. На нејзина територија се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино, која е впишана на светската мапа како и бројни културно-историски споменици, природни реткости, меѓу кои, манастирот Карпино, комплексот Костоперска карпа со црквите Света Петка и Свети Ѓорѓи Победоносец, спомен костурницата Зебрњак, средновековната црква Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце…

- Имавме санација на поголем дел од патниот правец кон Кокино, остануваат уште околу два и пол до три километри. Се надеваме дека со Јавното претпријатие за државни патишта ќе успееме оваа година да го завршиме тој дел, изјави Славковски.
Сепак, општината сè уште нема формирано туристичко здружение, што според Славковски е неопходно за системски пристап во развојот на туризмот и подобрување на инфраструктурата.ам/са/
Фото: МИА