• сабота, 16 мај 2026

Средба Сали - Берсе: Потврдена соработката меѓу земјата и СЕ во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права

Средба Сали - Берсе: Потврдена соработката меѓу земјата и СЕ во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права

Скопје, 8 мај 2026 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, при што беше потврдена силната и континуирана соработка меѓу земјата и СЕ во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Министерот Сали, како што соопшти Министерството за европски прашања, го поздравил затворањето на постмониторинг-дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во јануари 2026 година оценувајќи го како значајно признание за демократскиот напредок на државата, реформите во владеењето на правото и посветеноста кон европските стандарди.

На средбата била истакната важноста на експертската поддршка од Советот на Европа во процесот на европска интеграција, особено во рамките на поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на правосудството, фундаменталните права, правдата, слободата и безбедноста.

Сали изразил благодарност за вклученоста на Советот на Европа во оценувањето на акцискиот план за правата на лицата што припаѓаат на заедниците, како и за усогласувањето со патоказот за владеење на правото, кои претставуваат важен дел од отворачките репери за кластерот „Темелни вредности“.

- Во разговорите беше нагласена и важната улога на телата и механизмите на Советот на Европа, вклучително и Венециската комисија, ГРЕКО, MONEYVAL, CEPEJ и Комитетот за превенција од тортура (CPT), кои обезбедуваат поддршка во зајакнувањето на независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и заштитата на човековите права - се наведува во соопштението.

Министерот Сали потенцирал дека Владата останува целосно посветена на спроведувањето на реформите и продолжување на процесот на европска интеграција, во тесна соработка со европските институции и меѓународните партнери. ац/дма/

Фото: МЕП

Остани поврзан