• четврток, 02 април 2026

Средба Саар-Вадефул во Ерусалим: Израел не бара бескрајна војна со Иран

Средба Саар-Вадефул во Ерусалим: Израел не бара бескрајна војна со Иран

Ерусалим, 10 март 2026 (МИА) – Министерот за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека Израел не бара „бескрајна војна“ во Иран и дека ќе се координира со САД за тоа кога да ја прекинат нивната тековна заедничка воена кампања против Исламската Република.

Саар ова го рече за време на прес-конференцијата во Ерусалим со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.

Иако Саар не даде јасна временска рамка за операцијата, тој рече дека „во соодветно време, ќе се консултираме со нашите американски пријатели кога ќе мислиме дека е вистинскиот момент за крај на конфликтот. Ние не бараме бескрајна војна“.

Тој изјави дека целите на Израел се „долгорочно да ги отстрани егзистенцијалните закани од Иран за Израел“, додавајќи дека „тешко е да се види тоа да се случи со сегашниот режим“.

Осврнувајќи се на новоизбраниот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, чиј татко и претходник, Али Хаменеи, беше убиен во американско-израелската кампања, Саар рече дека „новиот Хаменеи не е помалку екстремен од претходниот“.

Тој ги повтори изјавите на израелските официјални лица дека „промената на режимот може да се случи и по кампањата. Но, важно е да се создадат услови за промена во Иран, за народот на Иран да може да ја врати својата слобода“.

- Не смееме да ја пропуштиме оваа можност со делумни резултати. Затоа ќе продолжиме до последната минута кога ние и нашите партнери ќе мислиме дека е соодветно да прекинеме – рече Саар.

Одговарајќи на меѓународните критики за кампањата, Саар изјави дека „сите оние кои повикуваа во изминатите денови на ’деескалација‘ всушност обезбедуваат ескалација за народот на Иран и за Блискиот Исток и пошироко, со децении во иднина“.

Саар го повтори својот повик до „земјите да го преземат следниот морален чекор и да ги прекинат сите дипломатски врски со овој терористички режим“.

Вадефул, кој е првиот странски лидер кој престојуваше во дипломатска посета на Израел од почетокот на кампањата, рече дека иако Германија се надева на дипломатско решение на конфликтот, и иако Ерусалим и Вашингтон „се подготвени за дипломатско решение“, тој не го гледа истото кај Иран.

Вадефул укажа на иранските напади во регионот и продолжената употреба на терористички групи.

– Засега, ова е она што го слушаме од Техеран; тие не се подготвени за дипломатско решение. И додека тоа е така, сè уште мораме да чекаме рече шефот на германската дипломатија. јт/

Фото: Саар на Х

 

Остани поврзан