• четврток, 02 април 2026

Средба на Гаши со раководството на RYCO

Средба на Гаши со раководството на RYCO

Скопје, 31 март 2026 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска се сретнал со раководството на Регионална канцеларија за младинска соработка (RYCO), составена од генералниот секретар на организацијата Владимир Обрадовиќ; заменик-генералниот секретар, Крешник Лока; специјалниот советник, Ферас Кеиралах и раководителот на Локалната канцеларија на RYCO во Република Северна Македонија, Владимир Ѓорѓевски. Исто така, на средбата присуствувала и заменик-претседателката на Клубот за младински прашања и политики, пратеничката Фериде Хаџиу.

На средбата, како информираат од собраниската прес-служба, се дискутирале политиките за младите, а Гаши посочил дека Собранието е секогаш отворено да дава поддршка за младинските прашања и регионалната соработка. Тој истакнал дека обврска на политичарите е да градат стабилен и меѓусебно поврзан регион, каде идните генерации ќе ја надградат својата иднина.

Претседателот истакнал дека младинските и родовите прашања имаат важно место во политиката како важен дел од државните прашања. Тој потенцирал дека мирот и стабилноста се важни во регионот и дека младата генерација ќе помогне во постигнување на овие цели. Го нагласи инфраструктурното поврзување на земјите од регионот за постигнување на подобра соработка и подобро разбирање меѓу младите. Нагласил дека треба да се работи на подобрувањето и унапредувањето на културата, образованието, инфраструктурата и економијата, а мирот ќе биде резултат на сите овие заеднички напори.

Гаши ја нагласил и важноста за надминување на предрасудите меѓу младите, да има поголема сензибилизација и сите треба да бидат поактивни и да придонесат за мирот.

Заменик-претседателката на Клубот за младински прашања и политики, Фериде Хаџиу ги претставила активностите на Клубот кој претставува мост меѓу невладините организации, младинските невладини организации и законодавната власт, заложбите за унапредување на Националната стратегија за младите и нагласила дека меѓу приоритетите на Клубот се и дигитализацијата во образованието, кибербезбедноста и менталното здравје кои влијаат на животот на младите.

Генералниот секретар на RYCO, Владимир Обрадовиќ се заблагодарил за поддршката што ја добиваат од Собранието и ги претставил активностите што ги спроведуваат во насока на унапредување на младинската соработка во регионот. Истакнал дека младите сакаат нивниот глас да биде слушнат. Дополнително, посочил дека унапредувањето на културната соработка е дел од клучните активности на организацијата.

Заменик-генералниот секретар на RYCO, Крешник Лока ја нагласил важноста на Агендата „Млади, мир и безбедност“, ставајќи посебен фокус на улогата на младите во градењето стабилна и просперитетна иднина во регионот. Тој се осврнал и на предизвиците со кои се соочуваат младите, како што се одливот на мозоци и неповолната демографска слика, истакнувајќи ја потребата од заеднички пристап за нивно надминување. Лока потенцираше дека кршењето на табуата и надминувањето на предрасудите претставуваат клучни чекори кон градење доверба меѓу младите. Во таа насока, ја истакнал и размената на средношколци како значајна додадена вредност, која придонесува за подобро меѓусебно разбирање, развој на културна соработка и градење на мирот во регионот. фф/ац/

Фото: Собрание

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан