• среда, 14 јануари 2026

Сојузот за солидарност и развој, поддржан од хунтата, освоил мнозинство во долниот дом на парламентот во Мјанмар

Сојузот за солидарност и развој, поддржан од хунтата, освоил мнозинство во долниот дом на парламентот во Мјанмар

Непјидо, 13 јануари 2026 (МИА) - Партијата Сојуз за солидарност и развој, поддржана од владејачката воена хунта, објави дека освоила мнозинство во долниот дом на парламентот во Мјанмар по вториот од трите круга парламентарни избори во оваа азиска земја, објавија француските медиуми.

Функционер на партијата изјави дека политичката формација освоила 87 места во втората фаза од изборите. Во комбинација со резултатите од првата фаза кон крајот на декември партијата сега има 176 места во парламентот со 330 места обезбедувајќи мнозинство дури и пред третата фаза од гласањето, кое е закажано за 25 јануари.

Долниот дом на парламентот на Мјанмар има вкупно 440 места, но 110 од нив се резервирани за заменици назначени од војската според Уставот на земјата, изготвен од војската, која владее во оваа подхималајска држава во поголемиот дел од нејзината историја од независноста во 1948 година.

Аналитичарите ја опишуваат партијата Сојуз за солидарност и развој, чии лидери се претежно поранешни воени офицери, како главна политичка алатка на владејачката воена хунта.

Минатата недела специјалниот известувач на ОН за човекови права во Мјанмар, Том Ендрус, го осуди изборот на генералите велејќи дека е наменет за „обезбедување на победата на нивната политичка алатка, консолидирање на воената доминација во Мјанмар и создавање превез на легитимитет“.

Се очекува членовите на двата дома на парламентот да се состанат во март за да изберат претседател. 

Лидерот на воената хунта, генерал Мин Аунг Хлаинг, не ја исклучи можноста да се повлече од функцијата врховен командант за да ја преземе цивилната функција претседател.

Војската ја презеде власта со државен удар во 2021 година соборувајќи ја владата на демократската лидерка и добитничката на Нобелова награда за мир, Аунг Сан Су Чи, туркајќи ја земјата во долготрајна граѓанска војна.

По пет години насилно владеење, хунтата ги претстави парламентарните избори како чекор кон национално помирување. Меѓутоа многу земји и меѓународни набљудувачи го осудија гласањето наведувајќи ја репресијата врз опозицијата и фактот дека изборите беа претежно оспорени од партии поддржани од војската.

Аунг Сан Су Чи, која има 80 години, останува во затвор, а нејзината партија, Националната лига за демократија, е распуштена.сд/

Фото:МИА архива

Остани поврзан