• понеделник, 29 декември 2025

СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка дел од регионален проект за заживување на наставата по француски јазик во средините училишта

СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка дел од регионален проект за заживување на наставата по француски јазик во средините училишта

Крива Паланка, 26 декември 2025 (МИА) - Зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, унапредување на обуката и поддршка на вработливоста на младите од Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик, се дел од целите на регионалниот проект за заживување на наставата по француски јазик во средните училишта што почна да се имплементира во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.

-Акцентот е ставен на зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, како и на обука и поддршка на вработливоста на младите на Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик. Во рамки на проектот се опфатени 25 ученици од економско-правната струка кои преку интерактивни симулациски активности со улоги соодветни на струката, како„продавач – купувач“, учат да ги усовршуваат економските вештини, но и францускиот јазик со креативни фрази и практична комуникација, што им помага да го користат јазикот самоуверено и природно, информира директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Елена Ѓоргиевска.

Регионалниот проект е поддржан од француското Министерство за Европа и надворешни работи, Амбасадата на Франција во државата, Француски институт и македонското Министерство за образование и наука. 

Ѓоргиевска посочи дека учениците пројавиле голем интерес за изучување не само на францускиот јазик, туку и на француската култура, низ современи, креативни и мотивирачки активности.

Планирано е во рамки на проектот да се реализира и соработка со училишта или компании од Франција.

Инаку, СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка периодов бележи бројни активности на учениците, меѓу кои и учеството на UPSHIFT - саемот за иновации. 

-Под менторство на професорката Маријана Милковска, тимот од нашето училиште оствари успешно претставување на саемот за иновации, истакнувајќи се со примена на дизајнерско размислување и пристап насочен кон анализа на проблеми и креирање одржливи решенија. Идејата што ја презентираа учениците беше пофалена од страна на организаторите и присутните делегации, што претставува значајно признание за нивната работа и посветеност. Реализацијата на проектот е планирана во периодот од јануари до март. Програмата UPSHIFT е реализирана од здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржано од МОН и БРО, и финансиска поддршка од Шведска, додаде Ѓоргиевска.

Неделава ова кривопаланечко средно училиште беше домаќин на раководството на електротехничката школа „Раде Кончар“ од Белград, Србија со кои било договорено продолжување на соработката со идни активности и проекти од областа на образованието. ид/вј/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан