Советот на Општина Делчево ја усвои авршната сметка на Буџетот за 2025
- Финансиска стабилност со висока реализација на буџетот и нови проекти за енергетска ефикасност, локален развој и подобрување на услугите за граѓаните
Делчево, 31 март 2026 (МИА) - Советот на Општина Делчево денеска ја усвои завршната сметка на Буџетот за 2025 година. Според презентираните податоци пред советниците на 8-та редовна седница вкупните приходи во Буџетот на Општина Делчево во 2025 година изнесуваат 424.070.323 денари, што претставува 90 проценти од планираното. Во рамки на основниот буџет, наплатени се 156.717.879 денари или 81,8 проценти од предвидените средства.
-По економска класификација, најголем дел од приходите се од трансфери и донации во износ од 352.216.693 денари (90,6%), следуваат даночните приходи со 60.532.998 денари (90,7%), неданочните приходи со 8.225.082 денари (68,7%) и капиталните приходи со 3.095.550 денари (42,6%). На расходната страна, од планирани 474.434.976 денари, реализирани се 416.436.651 денари или 88 проценти. Во основниот буџет реализацијата изнесува 82 проценти. Капиталните расходи се реализирани во износ од 92.587.330 денари, што е 78,7 проценти од планираното, односно 22 проценти од вкупните расходи во основниот буџет, истакна Ане Ситновска Димитровска, раководител на Одделението за финансии при Општина Делчево.
На седницата беа донесени и повеќе одлуки за учество во проекти меѓу кои и одлука за вклучување во проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, со кој Општина Делчево ќе обезбеди 20 проценти сопствено учество од средствата добиени како грант. Исто така, беше донесена одлука за кофинансирање на проектот за унапредување на енергетската ефикасност преку замена на уличното осветлување со ЛЕД-технологија, со вкупна вредност од над 5 милиони денари, од кои 11 проценти ќе ги обезбеди Општината.
-Советот даде согласност и за учество во проект за воспоставување регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на бездомни кучиња во Источниот плански регион, при што Општина Делчево ќе учествува со сопствени средства. Меѓу останатите одлуки, беше донесена одлука за формирање партиципативно тело на Општината, како и повеќе годишни извештаи и сметки на јавни установи и претпријатија, меѓу кои образовни институции, детската градинка „Весели Цветови“ и ЈКП „Брегалница“, се вели во информацијата од Општина Делчево по завршувањето на Советот.
Советот усвои и правилник за доделување награди и признанија, како и одлуки од областа на урбанистичкото планирање, а на седницата беше дадена и согласност за утврдување на висината на надоместокот за престој на деца во детската градинка „Весели Цветови“, што паѓа на товар на родителите. вс/дма/
Фото: МИА