Собранието ја почна 98. седница, но на барање на ДУИ расправата за техничката влада ќе продолжи по еден час
- Собранието денеска го започна продолжението на 98. седница на која на дневен ред е Предлог законот за изменување на Законот за Владата, со којшто се предвидува укинување на техничката влада. За збор се пријавија 13 пратеници, но координаторката на Европскиот фронт Рина Ајдари побара еден час пауза за дополнителни консултации.
Скопје, 29 април 2026 (МИА) - Собранието денеска го започна продолжението на 98. седница на која на дневен ред е Предлог законот за изменување на Законот за Владата, со којшто се предвидува укинување на техничката влада. За збор се пријавија 13 пратеници, но координаторката на Европскиот фронт Рина Ајдари побара еден час пауза за дополнителни консултации.
На дневен ред на оваа седница освен овој закон е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратениците со чии измени се предлага пратениците да имаат само едно државјанство.
На претходното продолжение на седницата, заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски во образложението пред пратениците потенцираше дека преодната, односно техничката влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше за цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси. Ваквиот модел, како што рече, произлезе од политичките договори постигнати во 2015 година и првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.
Предложеното законско решение со одложната примена, има за цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи.
- Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото. Со предложеното законско решение се воспоставува стабилна и предвидлива правна рамка со која се уредува, се воспоставува стабилна и реална, односно техничка влада до денот на објавувањето на конечните резултати и распределба на мандатите по изборни единици од Државната изборна комисија за првите по ред избори за пратеници во Собранието на Р. Македонија спроведени по денот на влегување во сила на овој закон, по што се создаваат услови за негово укинување - нагласи Јаќимоски.
Со измените на Законот за Влада се врши и усогласување со законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа од 2024 година, од терминолошки карактер во однос на усогласувањата на називите на министерствата во рамки на моделот на преодната влада.
На дневен ред на продолжението на 98. седница се и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, Предлог на законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, сите по скратена постапка. ев/дма/
Фото: Архива