СДСМ: Мицкоски му додели задачи на новиот јавен обвинител од собраниската говорница
- СДСМ денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски му делел задачи на новиот јавен обвинител од собраниската говорница – што да прави, како да постапува, кого да гони, кои предмети да ги отвора.
Скопје, 26 март 2026 (МИА) - СДСМ денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски му делел задачи на новиот јавен обвинител од собраниската говорница – што да прави, како да постапува, кого да гони, кои предмети да ги отвора. МИА интегрално го пренесува соопштението на опозициската партија.
„Исто како што преку телевизии елиминираше кандидати.
Ова е тоа погребување на правдата и воспоставување тотална контрола на власта над обвинителството и судството.
Ако Мицкоски сака борба со корупцијата и криминалот, требаше прво да се уапси себеси.
Докази има колку сака – и за него и за неговата организирана криминална група – ВМРО.
Но, ова е најава на она што СДСМ веќе со месеци го зборува.
После Дубаи, Харис Џиновиќ, Башановиќ, нападите на СЈО – доаѓа времето за она што СДСМ го најави: нова кампања со Боки 13 и Катица Јанева, која намерно ја пуштија од затвор три години порано.
Да се замолчи опозицијата по секоја цена, да се прави политички прогон и лични хајки преку 40% од медиумите под контрола на Орбан.
Крајната цел? Укинување на пресудите на Никола Груевски и терен за негово враќање во Македонија.
Еднаш го излажавте народот. Мицкоски клечеше и молеше за власт лажејќи дека ќе го врати името. Анкетата што вие си ја правевте ви кажа сè, не поминуваат веќе лаги – народот повеќе не може да го излажете.“
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
ФОТО: Архива