Саем на образование и кариера на 27 и 28 февруари
- Третото издание на Саемот на образование и кариера ќе се одржи в петок и в сабота на вториот кат на ТЦ „Скопје сити мол“ во организација на студентската и младинската информативна платформа „Студентарија“. Во двата дена настанот ќе биде отворен од 11 до 16 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани.
Скопје, 24 февруари 2026 (МИА) - Третото издание на Саемот на образование и кариера ќе се одржи в петок и в сабота на вториот кат на ТЦ „Скопје сити мол“ во организација на студентската и младинската информативна платформа „Студентарија“. Во двата дена настанот ќе биде отворен од 11 до 16 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани.
Организаторот соопшти дека саемот ги поврзува младите со образовните институции и компаниите нудејќи им можност на едно место да ги истражат своите академски и професионални перспективи. Настанот е наменет, пред сè, за средношколците матуранти, кои треба да одлучат каде да го продолжат образованието, како и за студенти што размислуваат за продолжување на студиите, специјализација, преквалификација или се во потрага по пракса и можности за вработување.
- Главната цел на саемот е младите да донесат информирана одлука за својата иднина, но и да се промовираат можностите што ги нудат домашното високо образование и кариерниот развој во земјата. Оваа година учеството го потврдија 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини и современи професии, како и голем број компании, кои ќе понудат информации за пракса, работа и професионален напредок - соопшти организаторот.
Посетителите на саемот ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на факултетите, да се информираат за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и студентскиот живот и да присуствуваат на панел-дискусии и работилници поврзани со кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд.
- Дел од програмата ќе биде и родителското катче, наменето за родителите и старателите, со цел и тие да добијат релевантни информации и насоки како да ги поддржат младите во оваа важна животна фаза - се наведува во соопштението. хс/вг/
Фото: платформа Студентарија