• петок, 20 февруари 2026

САД сè уште не обезбедиле финансиски средства за планот за реконструкција на Појасот Газа

САД сè уште не обезбедиле финансиски средства за планот за реконструкција на Појасот Газа

Вашингтон, 4 февруари 2026 (МИА) - САД сè уште не обезбедиле финансиски средства за планот за реконструкција на Појасот Газа бидејќи потенцијалните донатори се загрижени поради несогласувањата за разоружување на Хамас, што би можело да доведе до нова војна, тврдат неименувани извори.

Неименуван европски дипломат посочи дека ниедна европска или западна држава сè уште не ветила пари за реконструкција на Појасот Газа.

Исто така, и арапските земји од Персискиот Залив се двоумат за финансирање на реконструкцијата на палестинската енклава Газа без пошироко политичко решение, што вклучува разоружување на Хамас.

Разоружувањето на Хамас е клучно барање во мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, покрај повлекувањето на израелските трупи и надзор на реконструкцијата на Појасот Газа од страна на Одборот за мир.

Два неименувани извора, кои имаа увид во плановите на Одборот за мир, изјавија дека земјите не сакаат да вложат средства во реконструкцијата на Појасот Газа сè додека не се разоружа Хамас.

Седум западни дипломати тврдат дека финансирањето делумно доцни поради барањето на дел од потенцијалните донатори со средствата да управуваат Обединетите нации, а не Одборот за мир.

Според процените, реконструкцијата на Појасот Газа би чинела речиси 100 милијарди долари, но планот не предвидува отштета за Палестинците чии домови се разурнати. ми/сд/

фото: ДПА

Остани поврзан