• петок, 15 мај 2026

Сабаленка за поразот од Кирстеа: Чувствував како моето тело да ме ограничува и да не ми дозволува да го играм мојот најдобар тенис

Сабаленка за поразот од Кирстеа: Чувствував како моето тело да ме ограничува и да не ми дозволува да го играм мојот најдобар тенис

Рим, 10 мај 2026 (МИА) – Првиот светски рекет Арина Сабаленка објасни зошто побарала физикална терапија за време на натпреварот со Кирстеа.

Таа го коментираше нејзиниот пораз во третото коло од Мастерсот 1000 во Рим – 6:2, 3:6, 5:7.

Во решавачкиот сет, Белорусинката направи медицинска пауза поради проблеми со долниот дел од грбот.

- Мислам дека играв лошо од самиот почеток до самиот крај. Го започнав натпреварот добро, но потоа моето ниво нагло падна. Чувствував како моето тело да ме ограничува и да не ми дозволува да го играм мојот најдобар тенис. И таа го искористи тоа и играше неверојатно. Практично не ми даде никаква шанса. Тоа беше тежок пораз. Но, како што велат, никогаш не губиме – само учиме. Значи, сè е во ред, нагласи Сабаленка.

Што се однесува до подготовките за „Ролан Гарос“ белоруската тенисерка планира најпрво добро да се одмори.

- Мислам дека е проблем со долниот дел од грбот и е поврзан со колкот – ми отежнува целосно да го ротирам телото кога шутирам. Засега ќе земам неколку дена одмор и ќе се фокусирам на закрепнувањето. Тоа е планот, додаде Сабаленка.

Грен слемот „Ролан Гарос“ ќе се игра во Париз од 18 мај – 7 јуни. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан