• сабота, 16 мај 2026

Романија денеска гласа за недоверба на владата на Боложан

Романија денеска гласа за недоверба на владата на Боложан

Букурешт, 5 мај 2026 (МИА) - Во Романија денеска ќе се одржи гласање за доверба на владата, по предлогот поднесен од Социјалдемократската партија (СДП) и Алијансата за обединување на Романците (АУР), против кабинетот предводен од премиерот Илие Боложан.

Доскорешните партнери во власта – СДП и Националнолибералната партија (ПНЛ) – настојуваат да ги остварат сопствените цели. Раководството на СДП сака да го смени премиерот преку изгласување недоверба, додека ПНЛ се обидува да ги убеди опозициските пратеници да не гласаат „за“. Предлогот е поднесен со потписи на 254 пратеници и сенатори.

Според локалните медиуми, нема гаранции дека сите потписници ќе гласаат за предлогот. Како пример се наведуваат десет пратеници од опозициската Партија на младите луѓе, кои иако го поддржале предлогот, соопштија дека тоа не подразбира автоматска поддршка при гласањето. Тие најавија дека конечната одлука ќе зависи од подготвеноста на СДП и АУР за идни заеднички владини активности, што двете партии засега го негираат.

Најцврста поддршка за падот на владата доаѓа од СДП и АУР, а им се приклучува и новоформираната група „Мир“ (составена од поранешни членови на ПМП и „С.О.С. Романија“), со вкупно 231 глас – два помалку од потребните 233 за пад на владата.

Лидерот на АУР, Џорџе Симион, изјави дека сите нивни пратеници ќе гласаат „против“ владата и изрази уверување во успехот, повикувајќи се на „политичката аритметика“. Тој истовремено повтори дека СДП ја смета за корумпирана партија. Од Сојузот за спас на Романија (УСР), лидерот Доминик Фриц повика на одговорност и побара поддршка за владата за да продолжат реформите, предупредувајќи на можни економски последици и продлабочување на политичката нестабилност.

Партијата на премиерот Боложан се обидува да разубеди 22 пратеници и сенатори да се откажат од поддршката на гласањето. Со тоа премиерот би обезбедил привремено мнозинство и би останал на власт до есенската парламентарна сесија. Тој повеќепати изјави дека сака да остане на функцијата до крајот на летото за да ги финализира клучните закони поврзани со Планот за закрепнување и отпорност (10 милијарди евра) и Европскиот механизам „СЕЈФ“ (SAFE) (16 милијарди евра).

Министерот за одбрана Раду Мируца, кој привремено раководи и со ресорот транспорт, одговори на критиките за доделувањето договори преку механизмот „СЕЈФ“. Тој посочи дека Романија платила 800 милиони евра за 91 воз произведен од полска компанија, без обврска за вклучување домашни компании. Мируца нагласи дека претходната влада не обезбедила ниту минимално учество на домашната индустрија и додаде дека новите правила, кои предвидуваат 60 проценти од производството да биде во Романија, се вистинската причина за критиките од опозицијата.

Во СДП веќе се шпекулира дека доколку иницијативата за недоверба не успее, Сорин Гриндеану би можел да поднесе оставка од партиското раководство. ссм/јт/

фото: архива

Остани поврзан