Реакција на Коалицијата за заштита на децата за Законот за основно образование
- СООПШТЕНИЕ - Коалицијата за заштита на децата изразува длабоко разочарување поради привидните промени во Законот за основно образование, со што практично не се поставуваат никакви бариери за заштита на децата од родовата идеологија и се создава простор за појава на енормни проблеми.

31 јануари 2025
НЕ, РОДОВИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ Е ТРГНАТ ОД ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ
Коалицијата за заштита на децата изразува длабоко разочарување поради привидните промени во Законот за основно образование, со што практично не се поставуваат никакви бариери за заштита на децата од родовата идеологија и се создава простор за појава на енормни проблеми. Имено, иако минатата година Коалицијата и партнерите се одзваа на повикот на Министерството за образование и наука, и голем број народ го кажа својот став по однос на тоа какви измени треба да се направат на Законот за основно образование, и иако читавме храбри изјави од министерката Весна Јаневска дека наводно родовиот иденетитет ќе биде сосема тргнат од самиот закон, сега е веќе евидентно дека она што ни беше медиумски пласирано е далеку од вистината.
Со донесениот Закон за измена и дополнување на Законот за основно образование (изгласан и објавен во Службен весник 3/2025 на ден 03.01.2025 г.), во член 48, став 4 гледаме дека воопшто не е тргнат и експлицитно стои контроверзниот и спорен термин „родова еднаквост“:
„Училиштето се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на учениците преку обезбедување на информации базирани на научни сознанија, човекови права, родова еднаквост и промовирање на почитување на различностите.“
Самиот поим „родова еднаквост“ претставува Пандорина кутија, бидејќи овој термин во себе ги содржи сите измислени родови идентитети, кои го нарушуваат научното сознание за тоа што е машки, а што женски пол, нешто што на министерката за образование Весна Јаневска детално ѝ беше образложено за време на приемот на претставници од Коалицијата за заштита на децата и Родителски фронт во нејзиниот кабинет на 29.07.2024 г. Токму поради опасноста што со себе ја носи овој термин, Коалицијата се залага за полова рамноправност со која им се дава еднакви можности на жените и мажите, а не за „родова еднаквост“, со која се признаваат безброј измислени родови идентитети.
Во септември 2024 г. заедно со партнерите, како и многуброен народ, до Министерството за образование и наука испративме Барања и предлози за измени во Законот, каде беше наведено следново (оригиналниот текст на линкот подолу):
Член 48 – категорично бараме покрај отстранување на терминот „сексуалното“, дополнително отстранување и на терминот „репродуктивното“, со образложение дека овој термин е само синоним и подразбира исто што и „сексуалното“, како и отстранување на терминот „родова еднаквост“, со образложение дека родот т.е. родовиот идентитето не е правно признат и закон за родова еднакост се’ уште не постои во Македонија, така што воведувањето на ваквиот термин се коси со Уставот и нема правна основаност. Наместо „родова еднаквост“ предлагаме да се воведе или „полова рамноправност“ или „еднакви можности за момчињата и девојчињата“.
Во истиот период, министерката за образование Весна Јаневска во интервју за РСЕ рече дека поради „реакциите кои ги имаше во македонската јавност, целокупната јавност“ заклучила дека треба да биде внимателна во однос на тоа како се изразува.
Ваквите убаво спакувани јавни ветувања не траеја долго. Два месеца подоцна, во веќе завршен текст, читаме дека родовите идентитети се уште еднаш зацементирани во Законот. Ваквите постапки, кога на медиумите се ветува едно, а зад затворени врати се прави нешто сосема друго, само дополнително ја намалува и таа мала доверба што народот ја има во Министерството за образование. Ова подеднакво се однесува и на пратениците во парламент, особено оние на владеачката партија, кои аминуваа за ова да помине како што помина, што потегнува и нови прашања – ако СДСМ беше и е марионета на Сорос и од тие причини нејзините министри и пратеници беа глуви за народот, која е причината што новата власт го погазува својот предизборен став дека нема повеќе да слушаме за родови во Македонија?
И едните и другите ги потсетуваме дека се изгласани и платени од народот, за да го претставуваат народот! Секоја оглувеност кон барањата на народот, особено на родителите кога станува збор за образованието на нивните деца, е всушност извршување на партиско-лични интереси, а тоа ние, како Коалиција, нема да го толерираме.
🌐 Целата реакција: https://www.zadecata.org/post/rodovata_ideologija_ne_bese_trgnata_tuku_uste_ednas_potvrdena_vo_zakonot_za_osnovno_obrazovanie
Коалиција за заштита на децата
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.