Почна изградбата на ново сообраќајно решение за пренасочување на тешките камиони од Тркање
- Започнаа работните активности за реализација на проектот со кој трајно ќе се реши проблемот со тешките товарни возила што подолг период ги засега жителите на населеното место Тркање, информираа од Општина Кочани.
Кочани, 27 февруари 2026 (МИА) - Започнаа работните активности за реализација на проектот со кој трајно ќе се реши проблемот со тешките товарни возила што подолг период ги засега жителите на населеното место Тркање, информираа од Општина Кочани.
Со отпочнувањето на изведбените активности се прави конкретен чекор кон воспоставување на ново сообраќајно решение, кое ќе овозможи поврзување на местото Цацков Бунар со постоечкиот алтернативен пат Кочани – Тркање.
Според надлежните служби од Општината, со ова решение тешкиот товарен сообраќај ќе биде соодветно пренасочен, ќе се намали оптоварувањето низ населеното место и значително ќе се зголеми безбедноста на жителите.
Воедно, појаснуваат тие, ќе се обезбеди побезбедно и поорганизирано исклучување на возилата од компанијата Амфенол, со што дополнително ќе се подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот.
Реализацијата на овој проект претставува важно инфраструктурно решение за Општина Кочани, кое значи поголема безбедност, подобра организација на сообраќајот и поквалитетни услови за живот за граѓаните. ис/дма/
Фото: Општина Кочани