• сабота, 19 септември 2026

Почна 21 Меѓународен фолклорен фестивал "Свети Јоаким Осоговски"

Почна 21 Меѓународен фолклорен фестивал

Крива Паланка, 26 август 2026 (МИА) -  Со песна, оро, традиционални носии и колоритно дефиле низ градските улици, Крива Паланка синоќа ја отвори тридневната фестивалската програна на 21 Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, манифестација што повеќе од две децении ги поврзува луѓето и културите преку универзалниот јазик на фолклорот.

На фестивалското дефиле низ главната градска улица и плоштадот учествуваа десетина фолклорни ансамбли од земјава и од странство: Полска, Холандија, Црна Гора, Турција, Словачка, Хрватска, Србија и Украина, кои заедно со домашните ансамбли пред публиката ги претставија богатството и убавината на културното наследство.

Фестивалот свечено го отвори градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој им посака топло добредојде на сите учесници и гости, посочувајќи ја важноста на фестивалот како место за културна размена, дружење и создавање нови пријателства меѓу народите.

-Горд сум што Крива Паланка е домаќин на 21-то издание на оваа прекрасна меѓународна фолклорна приказна, која повеќе од две децении ги спојува традициите, културите и луѓето. Добредојдовте во нашата најубава Крива Паланка, порача градоначалникот Митовски, посочувајќи дека во трите фестивалски денови градот ќе биде обоен со боите и исполнет со звуците на различни традиционални танци и ора.

Со свеченото дефиле и отворањето на фестивалската програма, градот уште еднаш покажа дека традицијата има моќ да ги надмине границите и да ги обедини различностите.

Од службата за комуникација со јавноста на Општина Крива посочија дека овие претпразнични денови градот е една голема интерактивна сцена на која заедно играат различни култури, народи и традиции, во духот на пријателството, почитта и заедништвото.

-Фестивалот „Св. Јоаким Осоговски“ продолжува да ја пишува својата приказна, со песна и оро, со нови средби и нови пријателства, претворајќи ја Крива Паланка во место каде што традициите од целиот свет се среќаваат и живеат заедно, се наведува во соопштението од општината.ид/вј/

Фото: Општина Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа