• вторник, 31 март 2026

Портпаролката на грчко МНР: Во период на нестабилност, кризи и војни, ЕУ мора цврсто да остане посветена на интеграцијата на Западен Балкан

Портпаролката на грчко МНР: Во период на нестабилност, кризи и војни, ЕУ мора цврсто да остане посветена на интеграцијата на Западен Балкан

Атина, 31 март 2026 (МИА) – Сметаме дека Европска Унија мора цврсто да остане посветена на интегративниот процес и унапредување на европската перспектива на Западен Балкан, особено во период на нестабилност, на турбуленции, кризи и војни во нашиот поширок регион, посочи портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција, Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на грчките иницијативи за ЕУ перспективата на регионот.

Иницијативите на Грција, неколку пати ги има споменато шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, минатиот месец рече дека за оваа тема ги информирал неговите колеги од Унијата за време на Советот за надворешни работи, а Зохиу денеска посочи дека го информирал и германски колега на средбата во Берлин пред две седмици, за што Германија изразила поддршка.

Портпаролката на грчкото МНР, не откри детали за какви иницијативи станува збор, посочувајќи дека дополнително ќе бидат соопштени, но објасни дека се и во пресрет на грчкото претседателство со ЕУ следната година.

- Грција како што знаете, за унапредување на процесот за ЕУ интеграција на Западен Балкан, уште од 2003 година е во првите редови со Солунска агенда. Сега, 23 години подоцна, сака да им даде визија на народите на Западен Балкан и верува дека овој процес треба да ја задржи својата динамика и секако, пред сè својот кредибилитет, посочи портпаролката на грчкото МНР, нагласувајќи дека секако, потребно е целосно почитување и исполнување на критериумите за интеграција како што се европското законодавство, владеењето на правото, принципите на демократија итн. ср/ми/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан