Платформата за борба против корупција бара оставка од jавниот обвинител Љубомир Јовески
- Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија на обвинителот Љубомир Јовески.
Скопје, 17 август 2023 (МИА) - Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија на обвинителот Љубомир Јовески.
Според денешната изјава на Платформата пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од изведеното во документарецот „Убиство во Тетово", истрагата на јавното обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти.
- Како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за најпрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица, велат од платформата.
Дополнуваат дека на ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од Законот за кривична постапка.
- Притоа, во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продлжуван рокот согласно ставовите 2 и 3 од истиот член, ниту зашто и покрај ова продолжување, истрагата не резултира со завршница, дополнуваат оттаму.
Во пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година својот живот го загубија 14 лица. Во врска со случајот, Тетовскиот суд изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“. ар/нд/
Фото: МИА