Пет илјади пакетчиња за децата од Охрид и Дебрца, акција на „СОС Балкан медиа“
- Пет илјади деца од Охрид денеска добија новогодишни пакетчиња, обезбедени од страна на Здружението на граѓани „СОС Балкан медија“ од Охрид, со благослов на Дебарско-кичевската епархија и во соработка со Општина Охрид.
Охрид, 19 декември 2025 (МИА) – Пет илјади деца од Охрид денеска добија новогодишни пакетчиња, обезбедени од страна на Здружението на граѓани „СОС Балкан медиа“ од Охрид, со благослов на Дебарско-кичевската епархија и во соработка со Општина Охрид.
На децата и сите присутни на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ им се обрати митрополитот Дебарко-кичевски, г. Георгиј кој рече дека радоста е уште поголема што овој настан се одржува на празникот на Светиот Никола чија главна одлика била што најголемата негова радост била кога ги гледал другите како се радуваат.
- Светиот Никола не сакајќи да покаже дека тој е добротворот, ноќно време оставал дарови каде е потребно. Оттаму и традицијата кога ќе дојдат овие празнини денови, да се споделат даровите, рече владиката Георгиј.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, од своја страна порача дека Општина Охрид секогаш ќе ги поддржува манифестациите и активностите кои имаат вредност за заедницата, носат надеж, топлина и поддршка онаму каде е најпотребно.
- Во духот на големиот христијански празник Свети Никола или православниот Дедо Мраз, заедно со МПД и Дебарско-кичевската епархија, „СОС Балкан медиа“ и низа општествено одговорни компании од регионот испраќаме порака на љубов и солидарност. Ваквите моменти не потсетувааат колку е важно да бидеме заедно сплотени, хумани, особено во празничниот период...рече Пецаков посакувајќи Новата 2026 година да донесе здравје, мир и благосостојба.

Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкан медиа“ 16 години организира хуманитарни манифестации и активности за поддршка на ранливите категории граѓани и промовирање на еднаква застапеност на лица со посебни потреби во заедницата, носејќи надеж и радост во празничните денови.
Во рамки на активностите за празниците ќе бидат дистрибурани социјални пакети наменети за сто семејства, со прехрамбени производи, средства за хигиена и 25 килограми брашно. Традиционално „СОС Балкан медиа“ ќе ја посети Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо Охрид“. Новина оваа година е посетата на Општина Дебрца, каде во основното училиште во Белчишта ќе бидат посетени најмладите ученици и ќе им бидат доделени пакети со подароци. аб/са/
Фото: МИА