• понеделник, 15 декември 2025

Песков: Откажувањето на Украина од НАТО треба да биде предмет на посебна дискусија

Песков: Откажувањето на Украина од НАТО треба да биде предмет на посебна дискусија

Москва, 15 декември 2025 (МИА) – Кремљ денеска соопшти дека одбивањето на Украина да се приклучи кон НАТО е клучно прашање во сите мировни преговори и треба да биде предмет на посебни, поконкретни разговори.

- Секако, ова прашање е едно од главните и е предмет на посебна дискусија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека Москва очекува информации од САД по разговорите во Берлин со Украина и европските земји.

Претседателот на Русија, Владимир Путин постојано бараше Украина формално да се откаже од својата намера да се приклучи кон НАТО и да ги повлече своите трупи од делови на Донбас контролирани од Киев.

Москва, исто така, тврди дека Украина треба да биде неутрална држава и дека силите на НАТО не треба да бидат стационирани на нејзина територија.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека Украина е подготвена да се откаже од инсистирањето за членство во НАТО доколку САД и европските партнери понудат доволно безбедносни гаранции како дел од преговорите за мировниот договор.

- Зборуваме за билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД – по модел сличен на Член 5 … како и гаранции од нашите европски партнери и од други земји како што се Канада, Јапонија и други, наведе Зеленски.

Зеленски вчера имаше и петчасовен разговор со американскиот специјален претставник Стив Виткоф, а по средбата најавено беше дека разговорите ќе продолжат и денеска. ми/сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан