Оштетена плоча во манастирот Карпино, Старо Нагоричане
- Раскпан е гроб со назнака како културно наследство, при што била искршена и извадена плочата од местото. Манастирот Карпино е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период во државава и на Балканот и еден од првите кој бил заштитен со Закон за заштита на споменици на културата во раните педесетти години од минатиот век.
Куманово, 21 април 2026 (МИА) - Оштетен е споменик на културата во манастирот Карпино, општина Старо Нагоричане, информираа денеска од СВР Куманово. Од полицијата велат дека случајот бил пријавен вчера во 18:10 часот. Раскопан е гроб кој има назнака културно наследство, искршена е и извадена плочата.
- Во СВР Куманово е пријавено дека во двор на црква во село Карпино, општина Старо Нагоричане, било извршено раскопувања на гроб со назнака како културно наследство, при што била искршена и извадена плочата од местото. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот - соопшти полицијата.

Од здружение на граѓани „Манастир Карпино“ информираа дека е оштетен споменик на култура во манастирот „Карпино“
- Во дворот на манастирот „Карпино“ е извршено оштетување (осквернување) на споменик на култура од страна на несовесни лица. Ова не е само материјална штета, ова е напад врз нашето културно и духовно наследство. Случајот е пријавен и се очекува надлежните институции да постапат и да ја утврдат одговорноста - објавија од „Манастир Карпино“.

Карпинскиот манастир се наоѓа во атарот на селата Сув Орах, Дренак, Аљинце, Страцин. Црквата Света Богородица e споменик на културата од поствизантискиот период. Првиот слој фрески датира од 1592 година, а во 1893 година покриени се со нов слој фрескоживопис. Конаците потекнуваат од XIX век. Во минатото, во манастирот имало до 300 монаси.

Таму се развила препишувачка школа и во тој период манастирот бил духовно, црковно и културно јадро. Извесен период тука се одржуваше и ликовна колонија, но поради немањето инфраструктура колонијата престана да се одржува во комплексот. Манастирот Карпино е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период во државава и на Балканот и еден од првите кој бил заштитен со Закон за заштита на споменици на културата во раните педесетти години од минатиот век.ам/са/
Фото: ФБ Манастир Карпино и МИА архива