Отворен повик за учество на македонски, албански и грчки уметници на Меѓународниот културен фестивал во Преспа, Грција
- Отворен повик до македонски, албански и грчки уметници да учествуваат во двомесечна уметничка инсталација на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро, упатуваат организаторите на Меѓународниот културен фестивал „Триетнес“ (TRIETHNÉS), што се одржува во Преспа, Грција, во соработка со грчката Општина Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 16 април 2026 (МИА) - Отворен повик до македонски, албански и грчки уметници да учествуваат во двомесечна уметничка инсталација на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро, упатуваат организаторите на Меѓународниот културен фестивал „Триетнес“ (TRIETHNÉS), што се одржува во Преспа, Грција, во соработка со грчката Општина Преспа - јави дописничката на МИА од Атина.
„Триетнес“, што во превод значи три народи или тромеѓа, оваа година ќе се одржи вторпат, уметничката инсталација е инспирирана од темата на фестивалот „Враќање на почетокот“ и ќе се одржи во август и септември годинава, а проектот го истражува концептот на враќање не како повторување туку како трансформација.
- Повикот бара од уметниците од разни области да го истражат островот како место што е и материјално и симболично, простор на враќање, премин и цикличност на времето. Преку внимателно организирана патека за пешачење низ островот посетителите ќе се сретнат со серија уметнички инсталации, кои ќе се развиваат како наративно искуство заматувајќи ги границите помеѓу почетокот и крајот - соопштија организаторите.
Апликацијата за учество на фестивалот треба да вклучува детален уметнички предлог за ново или веќе постојно дело, кандидатите треба јасно да ја образложат концептуалната рамка на предлогот и поврзаност со островот Свети Ахил земајќи ги предвид просторните, историските и еколошките карактеристики на островот, како и концептот на делото.
Паралелно, секој предлог треба да биде за две избрани точки на островот, кои треба јасно да се дефинираат и објаснат, а предложените дела мора да бидат соодветни за изложба на отворено и да може да останат поставени додека трае изложбата.
Уметничката комисија се состои од уметничкиот директор на фестивалот, Георгиос Зиаврас, уметницата и архитект Димитра Марини и извршниот директор на фестивалот, Џеј Рајси.
Крајниот рок за пријавување е 30 мај 2026 година, а повеќе информации за повикот и начинот на пријавување на: https://www.triethnesfest.eu/open-call/
Свети Ахил е остров во Малото Преспанско Езеро и е познат по истоимената црква.
Меѓународниот фестивал „Триетнес“, што се реализира во поширокиот регион на Преспа, лани се одржа од 28 до 31 август, во соработка со Општина Преспа и под покровителство на Министерството за култура на Грција, а на маргините беше и изложбата „По материјата“ на македонски, грчки и албански уметници. ср/дма/
Фото: Џеј Рајси – Фестивал „Триетнес“