Основен суд Битола: Јавноста да се воздржи од непроверени информации кои го нарушуваат угледот на судството
- Основниот суд Битола соопшти дека целосно го почитува уставно и меѓународно гарантираното право на слобода на говор и информирање, како и правото на граѓаните да го изразат своето мислење за прашања и судски предмети од јавен интерес, но апелира до јавноста на воздржаност и точност при споделување информации.
Битола, 26 јануари 2026 (МИА) – Основниот суд Битола соопшти дека целосно го почитува уставно и меѓународно гарантираното право на слобода на говор и информирање, како и правото на граѓаните да го изразат своето мислење за прашања и судски предмети од јавен интерес, но апелира до јавноста на воздржаност и точност при споделување информации.
Од судот наведуваат дека подолг период судиите се соочуваат со, како што велат, „неосновани, неаргументирани и законски неосновани напади“ од дел од јавноста, без разлика дали станува збор за новинари, граѓани или политички субјекти. Судот потенцира дека ваквите напади можат да наштетат на странките во постапките и да создадат искривена слика во јавноста.
Судот истакнува дека ширењето непроверени, невистинити или нецелосни информации ја поткопува довербата во судството и го нарушува интегритетот на судиите и вработените, кои, како што се наведува, вложуваат „натчовечки напори“ за навремена и квалитетна работа во услови на недостиг од кадар.
– Сите предмети во Основниот суд Битола се постапуваат професионално, одговорно и чесно, се додава во реакцијата.
Од Судот ги демантираат тврдењата што во последниот период се појавуваат во јавноста и кои ги оценуваат како „невистинити и пласирани од сомнителни извори“.
Во однос на граѓаните, судот упатува апел информациите што циркулираат во јавноста да се примаат со внимателност и проверка, бидејќи, како што велат, ширењето непотврдени тврдења доведува до дополнително нарушување на довербата во институцијата што треба да ги штити нивните човекови права. бк/лв/
фото: МИА