• четврток, 19 март 2026

Општина Куманово и Регионалната занаетчиска комора ќе организираат саем за Меѓународниот ден на жената

Општина Куманово и Регионалната занаетчиска комора ќе организираат саем за Меѓународниот ден на жената

Куманово, 27 февруари 2026 (МИА) - Регионална занаетчиска комора Куманово и Општина Куманово денеска ги повикаа заинтересираните правни и физички лица да се пријават за изнајмување продажен штанд во рамки на манифестацијата „Осмомартовски Саем“, која ќе се одржи од 5 до 10 март годинава на Градскиот плоштад „Нова Југославија“ во центарот на градот.

-Повикот е објавен согласно програмата на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање, креирање политики и следење (ЛЕР), во рамки на планираните активности на Одделението за ЛЕР за тековната година. Целта на саемот е да се создаде пријатна и инспиративна атмосфера во духот на Меѓународниот ден на жената, преку изложување на цвеќе, ракотворби, локални производи и креативни изработки. Манифестацијата има за цел да ја афирмира улогата и придонесот на жената во општеството, но и да обезбеди поддршка за локалните производители, занаетчии и мали бизниси, со особен акцент на женското претприемништво, изјави Донка Петровска, помошник-раководител на Сектор за локален еконосми развој.

Во рамки на саемот ќе бидат поставени десет дрвени монтажно-демонтажни штандови со димензии два на два метра и висина од 2,60 метра. Штандовите ќе располагаат со тезга, полици за изложување и електричен приклучок за осветлување, а ќе бидат обезбедени и транспорт, монтажа и демонтажа. Од Комората информираат дека користењето на штандовите ќе биде без паричен надомест, со цел да се поттикне локалната економска активност.

Право на учество имаат производители и продавачи на цвеќе, занаетчии и ракотворци, креативци, уметници, како и производители на декоративни и козметички производи. Предност ќе имаат понудувачите чии производи тематски се усогласени со празникот, како и оние што придонесуваат за разновидност и квалитет на саемската понуда. Особен акцент се става на цветните производи.

Штандовите ќе може да се користат секој ден од 5 до 10 март, во периодот од 10 до 20 часот. Организаторите нагласуваат дека е забранета продажба на храна и пијалаци, како и користење грејни тела од приклучокот обезбеден од организаторот. Корисниците се должни да го одржуваат редот и хигиената и да ги почитуваат сите законски прописи. Во случај на непочитување на правилата, организаторот го задржува правото да го ограничи или суспендира користењето на штандот.

Заинтересираните треба да поднесат барање за користење на штанд најдоцна до 3 март 2026 година до 14 часот, во просториите на Регионалната занаетчиска комора Куманово на улица „Гоце Делчев“ бр. 71, во Домот на занаетчии во Куманово. ам/дма/

 

Фото: МИА 

Тагови

Остани поврзан