• петок, 20 февруари 2026

Општина Куманово ги санира дефектите на семафорите на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“

Општина Куманово ги санира дефектите на семафорите на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“

Куманово, 17 февруари 2026 (МИА) - Општина Куманово денеска ги информираше граѓаните дека поради настанат дефект при сообраќајна незгода и прекин на инсталација на уред за светлосни сигнали (семафор) на крстосницата булеварот „Трета Македонска ударна Бригада“ со улицата „Народна револуција“ и на крстосницата на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“ со „Перо Чичо“, одреден временски период уредите за светлосни сигнали ќе бидат надвор од употреба.

-Надлежните служби преземаат соодветни мерки за побрзо санирање на настанатиот дефект. Се замолуваат граѓаните да се придржуваат до поставената вертикална и хоризонтална сигнализација на споменатите крстосници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, повикаа од општина Куманово.

Зачестени сообраќајни несреќи со помала материјална штета се случија последниве денови на булеварот „Трета МУБ“ во Куманово бидејќи извесен период семафорите не работат. Пешаците и возачите реагираат на состојбата и бараат побрзо решавање на проблемот од општината, но и апелираат до СВР Куманово, полициски службеници да го регулираат сообраќајот. Кумановци реагираат дека тука има голема раздвиженост и генерално булеварот е една од главните артерии во општината која го поврзува источниот и западниот дел на градот.

На последниот тендер, општината одвои околу 990 илјади денари за одржување на семафорите. ам/вг/

Фото: МИА

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан