Општина Дебар ги демантира информациите дека биле вратени милион евра поради нереализирани проекти
- Општина Дебар преку официјална реакција ги отфрла, како неточни и злонамерни информациите објавени во емисија на социјалните мрежи, во која се тврди дека од Општина Дебар биле „вратени околу еден милион евра“ и дека средствата „биле вратени поради нереализирање на проекти“.
Дебар, 6 февруари 2026 (МИА) - Општина Дебар преку официјална реакција ги отфрла, како неточни и злонамерни, информациите објавени на социјалните мрежи, во кои се тврди дека од Општина Дебар биле „вратени околу еден милион евра“ и дека средствата „биле вратени поради нереализирање на проекти“.
- Ја информираме јавноста дека овие тврдења се целосно невистинити и претставуваат дезинформација. Сите проекти за кои станува збор се потпишани со Министерството за транспорт и се архивирани согласно законските процедури, со рок за реализација до 2028 година. Проектите се во тек на реализација и се планирани да се спроведуваат во две фази, согласно утврдената динамика, стои во објавената реакција на Општина Дебар.
Во реакцијата се наведуваат сите проекти и оние кои се во тек на реализација и оние кои ќе бидат реализирани, опфатени во две фази, кои главно се однесуваат на подобрување на патната и друга инфраструктура.
Општина Дебар нагласува дека „не се вратени никакви финансиски средства ниту пак е откажан некој проект поради нереализација, туку сите проекти се спроведуваат согласно планираните фази и рокови“.
-Ги повикуваме сите кои објавуваат информации, поврзани со работата на општината, најпрво да се обратат официјално до Општина Дебар за да добијат точни и проверени информации. Општина Дебар останува посветена на транспарентноста и навременото информирање на граѓаните, се наведува во реакцијата. вт/
Фото: МИА