ОН привремено запира дел од операциите во Јемен поради притворени вработени од страна на Хутите
- Обединетите нации привремено ги суспендираа сите свои операции во провинцијата Сада, Јемен, откако вооружената група Хути приведоа вработени во организацијата, изјави денеска заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак.

Сана, 10 февруари 2025 (МИА) - Обединетите нации привремено ги суспендираа сите свои операции во провинцијата Сада, Јемен, откако вооружената група Хути приведоа вработени во организацијата, изјави денеска заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак.
- Оваа итна и привремена мерка има за цел да воспостави баланс меѓу неопходноста ОН да остане и да делува во регионот и потребата за гарантирање на безбедноста на нашиот персонал и партнери, рече Хак. - Таквите гаранции се клучни за долгорочната ефективност на нашите напори, додаде тој.
Хак не прецизираше колку лица ќе бидат засегнати од привремениот прекин на операциите.
- ОН останува посветен на обезбедување помош за милиони луѓе во Јемен, нагласи заменик-портпаролот.
Хутите, поддржани од Иран, контролираат голем дел од Јемен, вклучувајќи ја и престолнината Сана, откако ја презедоа власта во 2014 и почетокот на 2015 година. Од 2021 година, оваа вооружена група притворила десетици вработени на ОН. Во моментов, тие држат околу 28 членови на персоналот на Светската организација. ссм/
фото: архива