• петок, 15 мај 2026

ОН: Минатата година беше најсмртоносна за бегалците Рохинџи

ОН: Минатата година беше најсмртоносна за бегалците Рохинџи

Женева, 17 април 2026 (МИА) – Минатата година беше најсмртоносна досега за бегалците Рохинџи кои бегаат со чамци од Бангладеш или Мјанмар преку Индискиот Океан кон Индонезија и Малезија, соопшти денеска агенцијата за бегалци на Обединетите нации.

Приближно 900 луѓе од оваа етничка група загинаа или се водат како исчезнати во Андаманското Море или Бенгалскиот Залив, соопшти УНХЦР во Женева.

„Повеќе од 6.500 Рохинџи се обиделе да ги преминат опасните морски патишта минатата година, при што за секој седми е пријавено дека е исчезнат или мртов – што е највисока стапка на смртност во светот на која било главна рута за поморски патувања на бегалци и мигранти“, се наведува во извештајот.

Овој тренд продолжи и оваа година, со повеќе од 2.800 Рохинџи кои тргнале на опасни морски патувања од јануари наваму, пренесе ДПА.

Неодамна, преполн чамец со околу 250 луѓе потона во Андаманското Море, откако наводно го напуштил Бангладеш кон Малезија на крајот на март.

Точното време на потонувањето останува нејасно. Само девет лица биле спасени од водата, соопшти УНХЦР.

Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), покрај бегалците Рохинџи, на бродот имало и луѓе од Бангладеш.

Повеќе од 1,3 милиони бегалци Рохинџи во моментов живеат во Бангладеш, главно во бегалски кампови. Според УНХЦР, ова претставува најголема концентрација на бегалци во услови на камп во светот.

Агенциите на ОН известуваат дека шверцерите и трговците со луѓе ја искористуваат несигурната ситуација на бегалците, изложувајќи ги на голема опасност и Рохинџите и државјаните на Бангладеш.

Пред девет години, војската во Мјанмар почна офанзива против муслиманското малцинство Рохинџи кое живее таму, раселувајќи стотици илјади луѓе. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан