• понеделник, 15 декември 2025

Одржан годишниот концерт на КУД „8 Октомври“, Крива Паланка 

Одржан годишниот концерт на КУД „8 Октомври“, Крива Паланка 

Крива Паланка, 15 декември 2025 (МИА) - Со песни и ора, традиционални носии и игри што ја пренесуваат традицијата на македонскиот народ, фолклор и културно-уметничко наследство, синоќа на сцената на Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа традиционалниот, годишен концерт на Културно уметничкото друштво „8 Октомври“.
На целовечерниот фолклорен репертоар настапија 130 млади играорци и играорки кои ја изучуваат, негуваат и пренесуваат традицијата на нашите предци, чувајќи ги од заборав.

КУД „8 Октомври“ се претстави со сите ансамбли, од најмладите, до првиот ансамбл кои на сцената ги изведоа познатите македонски ора: „Китче ми падна“, „Малешевка“, „Источна“, „Моме Митро“, „Лазаров“, „Кумановка“, а куриозитет на вечерта беше и премиерната изведба на сценската постановка „У ливаду“, што на својот репертоар ја има само националниот ансамбл „Танец“.

Адаптацијата за КУД „8 Октомври“ е авторско дело на Јовица Блажевски, а програмата ја збогати и настапот на инструменталниот состав на традиционални народни инструменти во состав: Раде Петровски, Максим Јовев, Теодор Смиљков и Леон Николовски.

Концертот беше дел од годишната програма на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, поддржана од Министерството за култура и туризам.ид/вј/

Фото: НУЦК Крива Паланка

Остани поврзан