Обвинителството го одбележа Денот на правосудството со визија за интегритет и модернизација
- Со мотото „Интегритет, реформи, правда“, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денес го одбележа Денот на правосудството. Главните пораки беа насочени кон зацврстување на интегритетот, континуирани реформи, дигитализација и европска интеграција како темели за независно и ефикасно правосудство.
Скопје, 31 март 2026 (МИА) - Со мотото „Интегритет, реформи, правда“, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денес го одбележа Денот на правосудството. Главните пораки беа насочени кон зацврстување на интегритетот, континуирани реформи, дигитализација и европска интеграција како темели за независно и ефикасно правосудство.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески на настанот истакна дека интегритетот е основата на обвинителската работа.
- Интегритетот е нашиот штит што сите го носиме во нас. Интегритетот е нешто што ние го носиме, го градиме, а и јавно го демонстрираме преку нашето однесување, одлучување и постапување во конкретните предмети - рече Савески.
Тој додаде дека реформите се постојан процес и неопходен импулс за развој на Обвинителството.
- Реформите се нашиот импулс, тој импулс е постојан во нас. Постојани сме во процесот на реформи, секогаш има потреба од разбирање, следење на современите позиции на меѓународната заедница и имплементирање на тие стандарди во нашето постапување и одлучување - истакна Савески.
Тој најави дека еден од клучните приоритети ќе бидат дигитализацијата и модернизацијата на Обвинителството, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и ефикасност.

Заменик-претседателката на Советот на јавните обвинители, Маријана Илиевска, нагласи дека довербата на граѓаните зависи од независноста на системот.
- Само обвинителство што постапува со интегритет може да ја зачува довербата на граѓаните. Обвинителскиот систем мора да биде заштитен од политички влијанија, а правдата мора да биде еднаква, навремена и достапна за секој граѓани - истакна таа.
Претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, ја потенцира улогата на Обвинителството како столб на правната држава.
- Јавното обвинителство е столб на правната држава, чувар на правото и граѓанските слободи и права. Да се биде јавен обвинител, не значи само да се применува законот - тоа значи да се постапува со интегритет, храбро и одговорно, да се носат одлуки, кои можеби се тешки, но мора да бидат правилни - порача Вели.
Настанот беше заокружен со доделување благодарници на поранешни обвинители. ар/дма/
Фото: МИА