• сабота, 16 мај 2026

Нетанјаху нареди проширување на безбедносната зона во Либан

Нетанјаху нареди проширување на безбедносната зона во Либан

Тел Авив, 16 април 2026 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на војската да ја прошири безбедносната зона во јужен Либан бидејќи борбите со милицијата Хезболах, поддржана од Иран, продолжуваат - соопшти неговата канцеларија доцна синоќа.

Израел исто така води преговори со Либан, а Кабинетот за безбедност вчера разговараше за можно примирје, но го заврши состанокот без одлука, според медиумските извештаи и објавата на новинар на „Аксиос“ на X.

Израелските и либанските претставници одржаа директни политички разговори во Вашингтон во вторникот, првпат по децении.

Нетанјаху рече дека разговорите имаат цел да обезбедат разоружување на Хезболах и да постигнат траен мир.

Либанската влада, која не е страна во конфликтот меѓу Израел и Хезболах, бара прекин на огнот и повлекување на израелските трупи од јужен Либан.

Судирите меѓу израелските сили и Хезболах продолжија вчера.

Нетанјаху рече дека безбедносната зона ќе се прошири и кон исток кон падините на планината Хермон за подобра поддршка на заедниците на друзите, кои се сметаат за сојузници со Израел. Планинскиот масив се протега по должината на сириско-либанската граница и достигнува до Голанската Висорамнина, анектирана од Израел. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан