• петок, 13 март 2026

Нетанјаху: Иран повеќе не е истата земја по американско-израелските напади (ДПЛ)

Нетанјаху: Иран повеќе не е истата земја по американско-израелските напади (ДПЛ)

Тел Авив, 12 март 2026 (МИА) – Иран повеќе не е истата земја по речиси две недели заеднички американско-израелски напади, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека речиси секој ден од почетокот на војната разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

- Целта е да го запреме Иран да ги премести нуклеарните и балистичките проекти под земја. Работиме и на унапредување на уште една цел, а тоа е да создадеме услови кои ќе му овозможат на иранскиот народ да го отстрани суровиот тирански режим кој го угнетуваше речиси педесет години – рече Нетанјаху за време на првото јавно обраќање откако Соединетите Американски Држави и Израел почнаа напади врз Иран.

Тој додаде дека, покрај тоа, потребно е и Иранците да излезат на улиците.

- Му порачувам на иранскиот народ: Се ближи моментот кога ќе можете да тргнете на нов пат на слободата. Тој момент се приближува. Стоиме со вас – рече израелскиот премиер.

Тој наведе дека, и покрај сè, нема гаранции дека иранскиот народ ќе крене востание откако Израел ќе „создаде услови“ за промена на режимот.

- Можете некого да донесете до вода, но не можете да го натерате да пие. Ќе создадеме оптимални услови да го направиме тоа, вклучувајќи воздушни напади како што правевме вчера, како што правиме овие денови, да се обидеме да им дадеме простор кој им е потребен за да излезат на улиците – наведе израелскиот премиер.

Тој рече дека се задаваат „тешки удари“ на Иранската револуционерна гарда (ИРЦГ) и на паравоените сили Басиџ, додавајќи и дека либанската група Хезболах „ќе плати висока цена за својата агресија“.

- Хезболах ја чувствува силата на нашите напади, а ќе ја почувствува и уште повеќе. Со здружување на силите без преседан меѓу Израел и Соединетите Држави, постигнавме огромни достигнувања кои ја менуваат рамнотежата на силите на Блискиот Исток, па дури и надвор од него – рече тој.

Нетанјаху го повтори своето тврдење дека иранските воени амбиции изискувале брза кампања на САД и Израел.

- Да не реагиравме веднаш, во рок од неколку месеци иранската индустрија на смртта би станала имуна на каков било напад. Затоа заедно влеговме во борба да го продолжиме она што го почнавме и да го спречиме Иран да развие нуклеарно оружје – рече премиерот на Израел.

Кога станува збор за новите сојузи на Израел со земјите од Блискиот Исток, Нетанјаху рече дека таквите сојузи не би биле можни пред само неколку недели.

- Овие денови, мојот тим и јас создаваме дополнителни сојузи со земјите во регионот, сојузи кои пред само неколку недели би изгледале како измислени – нагласи Нетанјаху, не прецизирајќи со кои земји Израел прави сојузништва.

Тој повтори дека со Трамп има одличен однос.

- Создадовме сојуз за разлика од кој било претходен со САД, сојуз со нашиот голем пријател, мојот личен пријател, претседателот Трамп. Разговараме скоро секој ден. Зборуваме слободно, разменуваме идеи и совети и заедно носиме одлуки – рече Нетанјаху.

Според него, Трамп неодамна му порачал дека нивниот однос е „сто пати посилен“ од кој било однос меѓу некој американски претседател и израелски премиер.

- Не размислуваме само за нашите земји, ниту само за оваа генерација. Ние размислуваме за идните генерации, за иднината на човештвото – наводно Трамп му порачал на Нетанјаху.

Коментирајќи ја состојбата на иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи и дали би го нападнал, како и за лидерот на Хезболах Наим Касем, Нетанјаху одговори: „Не би склучил полиса за животно осигурување за ниту еден од лидерите на терористичките организации“. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан