#Нет без хејт: Иницијативи и капмања за побезбедна дигитална средина, пријавување онлајн-насилство и едукација на родителите
- Група млади од земјава поведуваат иницијативи и кампања за побезбедна дигитална средина, за пријавување онлајн-насилство и за едукација на родителите. Тие, денеска, пред министрите за образование и наука и за дигитална трансформација, Весна Јаневска и Стефан Андоновски, ги претставија своите проекти, кои, како што информираа, треба да бидат заокружени до крајот на годината.
Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Група млади од земјава поведуваат иницијативи и кампања за побезбедна дигитална средина, за пријавување онлајн-насилство и за едукација на родителите. Тие, денеска, пред министрите за образование и наука и за дигитална трансформација, Весна Јаневска и Стефан Андоновски, ги претставија своите проекти, кои, како што информираа, треба да бидат заокружени до крајот на годинава.
Во овој контекст, рекоа, изготвен е и прирачник за справување со сајбер-насилство, кој им помага на возрасните полесно да допрат до младите и да комуницираат со нив.
- Сајбер-насилството најчесто се случува во пораки, „чатови“, коментари на профили, не само преку конверзација, туку и преку споделување разни фотографии и видеа, кои многу бргу потоа се споделуваат. Понекогаш не сме сигурни дали се работи за навреда, шега или некаков вид социјален притисок. Повеќето не знаат каде да се обратат, а некои и немаат храброст или мислат дека можеби тоа и не е толку голема работа. Затоа излегуваме со иницијативи преку кои ќе им помогнеме на нашите врсници, но и на возрасните, на родителите - да знаат како да се справат со она што ни се случува во дигиталното опкружување, да научат како да допрат до нас, како да комуницираат - истакнаа учениците, кои заеднички дејствуваат преку платформата #Нет без хејт.

Според нив, младите најлесно се отвораат пред врсници, а целта е побезбедна дигитална средина.
- Поголемиот дел од времето го поминуваме на интернет, таму учиме, комуницираме и се дружиме, но таму се случуваат и многу навреди, исмевања, споделувања содржини без дозвола. Најчесто ваквите ситуации не стигнуваат до возрасните зашто младите не знаат кому да му се обратат и можеби се плашат да пријават. Затоа ќе краеираме профил „Нет без хејт“, направен од млади за млади и на него ќе објавуваме практични совети за безбедно користење на интернетот - како да се пријави онлајн-насилство и насочување на младите кон професионална помош, кон соодветни институции и служби. Нашата цел е да не се плашиме од интернетот, туку да го направиме посигурно место за сите нас, и за децата и за родителите. Поради тоа што нашите родители не растеле во овој свет, тие генерално не се запознаени со ситуацијата. Таргет-група ќе ни бидат тие - да се запознаат со почетоците на интернет-насилството, сајбер-булингот. Ќе почнеме и онлајн-кампања на социјалните мрежи, ќе организираме и интерактивни средби за родителите, на кои ќе може да прашуваат и да се едуцираат за да не им бранат на децата да користат интернет, да не се плашат, туку како правилно да постапат во одредени ситуации и како да го препознаат сајбер-насилството од почеток - нагласија учениците.
Меѓу иницијативите е и да има деца правобранители во училиштата, кои ќе бидат активни и сигурни застапници на правата на своите врсници, вистинска поддршка за секој што ќе сака или ќе смета дека треба да пријави насилство, вклучувајќи и онлајн-булинг. Ќе се креираат и видеосодржини, пет епизоди по 20-30 минути, како и поткасти, во кои ќе се зборува за спречување на онлајн-омразата. Отворена ќе биде и платформа - вид безбеден простор, каде што младите ќе може да споделат што им се случува, без страв. Притоа секој ќе може да постави прашање и да опише ситуации, а тим од млади до 18 години, обучени, ќе ги читаат пораките и соодветно ќе одговарат и ќе даваат соодветна поддршка. Ако станува збор за посериозна ситуација, ќе се овозможи поврзување со стручно лице.

- Сите мислиме дека сајбер-насилството е лесна, едноставна тема, но не е така. Дури и упатените во ова имаат уште многу што да научат. Сè почна лани кога првпат научивме што е онлајн-насилство. Гледавме како една мала ситуација може да прерасне во голем проблем. Овој процес ни покажа нешто важно - дека младите најдобро ги разбираат младите. Сакаме да ја подигнеме свеста за онлајн-насилството и тоа ќе го постигнеме преку нашите иницијативи - децидни се од #Нет без хејт.
Иницијативите треба да бидат финализирани до крајот на годинава, а министрите Јаневска и Андоновски искажаа силна поддршка. мч/паг/
Фото: МИА