Невреме во Грција - затворени училишта, пораки со предупредувања и забрана за пловидба
- Невремето што од утрово ја зафати цела Грција со обилни врнежи од дожд и грмежи, снежни врнежи и на места со ниска надморска височина и силен ветер резултира училиштата во повеќе делови на земјата да останат затворени, да се воведат мерки за заштита на вработените, да се испратат предупредувачки пораки до граѓаните, а на трите атински пристаништа е воведена забрана за пловидба, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 21 јануари 2026 (МИА) - Невремето што од утрово ја зафати цела Грција со обилни врнежи од дожд и грмежи, снежни врнежи и на места со ниска надморска височина и силен ветер резултира училиштата во повеќе делови на земјата да останат затворени, да се воведат мерки за заштита на вработените, да се испратат предупредувачки пораки до граѓаните, а на трите атински пристаништа е воведена забрана за пловидба, јави дописничката на МИА од Атина.
За претстојното невреме вчера се одржаа состаноци во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, каде што беа разгледани сите околности и одлучено е за регионите Атика, Пелопонез, Тесалија и централна и северозападна Грција да се издаде црвено предупредување и тие се во состојба на мобилизација (Red Code).
Дополнително, беше одлучено противпожарната служба да биде во состојба на готовност, со посебен акцент на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а во состојба на зголемена готовност се и армијата, грчката полиција и крајбрежната служба.
Поради невремето, од бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени пораки до жителите на пет региони да ги ограничат своите движења, а утрово иста порака добија и сите оние што се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
- Поради интензивни временски појави, што се очекуваат во периферијата Атика од пладне до доцна навечер в среда, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи - пишува во пораката од бројот 112.
Поради силниот ветер, бродовите и траектите остануваат закотвени на трите пристаништа во Атина по издадената забрана за пловидба.
Основните и средните училишта, како и градинките, во повеќе делови на Грција, вклучително и во Атина, денеска се затворени, а учениците следат онлајн-настава.
Со одлука на префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, и по препорака на членовите на Комисијата за процена на опасности, на цивилната заштита и на Националната метеоролошка служба, превентивно ќе останат затворени сите државни и приватни основни и средни училишта на целата територија на Атика.
Одлуката, како што информираа од периферијата, е со цел заштита на учениците и наставниот кадар од опасностите што може да произлезат од движењата од и кон училиштата бидејќи од пладне се очекуваат интензивни врнежи од дожд со висока јачина.
Хардаљас рече дека ги знаат капацитетите и слабостите на старите инфраструктури и затоа избираат превентивен пристап бидејќи „одговорноста кон децата е јасна и не трпи ризик, а кога станува збор за нивната безбедност, должни сме да бидеме чекор понапред“.
За вработените и во приватниот и во државниот сектор издадено е упатство за работа од дома во случај да не се во можност да стигнат на работното место, а паралелно за сите што работат на отворено постои задолжителен прекин на работата.
Од Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, денешните најави за дожд се класифицирани во категорија 5 (екстремна), а директорот на одделот за истражување во Опсерваторијата, Константинос Лагувардос, за информативниот портал „Ин“ објасни дека во пладневните часови во Атика се очекува „големо и загрижувачко количество дожд за многу краток временски период“ нагласувајќи дека „можно е да наврнат и 50-60 милиметри дожд во рок од шест часа“, односно 50-60 литри на квадратен метар. ср/са/
Фото: МИА