• сабота, 16 мај 2026

Официјално отворање на шестатата екоакција „Генералка викенд“

Официјално отворање на шестатата екоакција „Генералка викенд“

Скопје, 8 мај 2026 (МИА) - Екоакцијата „Генералка викенд“ денеска официјално ќе биде отворена со прес-конференција зад Владата покрај кејот на реката Вардар.

Како што се наведува во соопштението на организаторите денеска, утре и задутре шести пат ќе се одржи годишната и најмасовната екоакција во земјата и целиот Балкан - „Генералка викенд“.

Додаваат дека рекордниот еконастан мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, 600 организации, јавни институции и приватни компании.

На средбата со медиумите, се додава во соопштението, ќе присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалникот на Скопјe и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.

- Ова е најголемата логистичка операција досега за собирање отпад и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. „Генералка викенд“ прерасна во национална годишна традиција, која докажува дека грижата за татковината може да обедини луѓе од разни општествени, културни и јавни средини - се вели во соопштението.

Акцијата ќе се спроведува трите дена истовремено на повеќе од 500 локации, во 80 општини во целата земја. Овие екоакции се организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст.

Официјалниот настан за отворањето денеска ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Екоакцијата е организирана и поделена во осум тима на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции, како што се чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, предводени од 20 припадници на вооружените сили на РС Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад „Саубермахер“ и локалното население. Предвидена е и екоакција во Охрид (Конгресен центар) за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите „Сороптимист Мома“ - Охрид и „Сороптимист Вадуц“ како дел од најстарата и најголема светска женска организација „Сороптимист интернешнл“ и со поддршка на „Саубермахер“.

Покрај сите активности за чистење на терен, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, екообразовната програма „Екочас“ се спроведува во училиштата од целата земја и во соработка со „Генералка викенд“.

Екоакцијата е волонтерска иницијатива, каде што учесниците се одговорни за сопствената безбедност и стана најголемата еколошка акција досега во нашата земја.

- Успехот е резултат на долгогодишно партнерство помеѓу „Генералка викенд“ и официјалните партнери: Пивара Скопје, Пакомак, Нула отпад, Макстил, ЕВН, ИУТЕ, Саубермахер, КАЗ Груп и Шпаркасе банка. Нивниот придонес и заедничките заложби за почиста татковина и правилно управување со отпадот ја движат екоакцијата напред. Организации како ЗЕЛС, Црвениот крст, со институционална поддршка од многу министерства, УНИЦЕФ, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и вооружените сили на РС Македонија, стотици невладини организации и општините ја пренесуваат пораката гласно и јасно: Подготвени сме да го рециклираме отпадот од минатото за зелена иднина! Максимата на иницијативата останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“ - се додава во соопштението. ац/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан