Комисијата за еднакви можности ќе одлучува за надзорна расправа за заштита од семејно насилство
- Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е предлог-одлуката за одржување надзорна расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација,предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е предлог-одлуката за одржување надзорна расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација,предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.
Иницијатива е поднесена од пратеничките Жаклина Пешевска и Моника Зајкова. Се посочува дека оваа иницијатива се поднесува имајќи ја предвид потребата Собранието преку своите надлежни работни тела и во рамките на својата надзорна функција да обезбеди подетален увид во тоа како надлежните институции ги спроведуваат законите, политиките и механизмите за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените како едно од суштинските прашања поврзани со човековите права, безбедноста, достоинството, недискриминацијата и еднаквите можности на жените и мажите.
- Семејното насилство и насилството врз жените не е само прашање на поединечна институционална реакција, туку прашање на функционалноста на целиот систем, на меѓуинституционалната координација, на навременото и ефикасно постапување, на достапноста на услугите и на постоењето јасни и применливи механизми за заштита. Оттука, потребата од парламентарна расправа за ова прашање како легитимно барање за системско согледување на состојбите, анализа на спроведувањето на законите што ја опфаќаат оваа проблематика и утврдување дали обезбедила институционална поставеност и дали ќе може да обезбеди навремена, координирана и ефективна заштита - се вели во предлог-одлуката.
Оваа иницијатива, како што се нагласува, е поставена исклучиво во рамките на надзорната функција на Собранието над Владата и органите на државната управа, односно како системска расправа за спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки од страна на органите на извршната власт. Предметот на расправата, како што се вели, е поставен така што Комисијата да добие општа, агрегирана, системска и институционална слика за начинот на кој функционира механизмот за превенција и заштита.
Во предлог-одлуката се посочува дека потребата од оваа надзорна расправа произлегува од неколку клучни аспекти.
- Прво, прашањето за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените има силна јавна, институционална и општествена димензија. Ефикасноста на институционалниот одговор не се оценува само според постоењето на закон, туку според неговата примена во пракса, координацијата меѓу институциите, пристапноста на мерките за заштита и довербата на граѓаните во системот. Второ, ова е прашање што директно се поврзува со еднаквите можности. Институционалниот одговор на насилството мора да биде недискриминаторен, достапен и ефикасен. Доколку постојат институционални слабости, недоволна координација, недостиг на кадар, нееднаква пракса или ограничен пристап до поддршка, тоа влијае директно врз остварувањето на еднаквите можности и врз реалната заштита на лицата изложени на ризик. Трето, парламентарната надзорна расправа е соодветен механизам за да се добијат информации, мислења и појаснувања од надлежните органи, со цел Собранието да може да извлече заклучоци и доколку е потребно, да иницира натамошни институционални, политички или законски подобрувања - се вели во предлог-одлуката за одржување на надзорната расправа.
Надзорната расправа, како што се посочува во предлог-одлуката, би имала цел Комисијата да може, врз основа на добиените информации и стручни мислења, да изгради покомплетна слика за функционалноста на институционалниот систем, како и да предложи заклучоци и препораки за нивно унапредување. фф/ев/
Фото: МИА Архива