• сабота, 16 мај 2026

Одбележување на роденденот на Горан Стефановски во Дебар Маало, Драмски театар ќе соопшти за наградата именувана по драмскиот автор

Одбележување на роденденот на Горан Стефановски во Дебар Маало, Драмски театар ќе соопшти за наградата именувана по драмскиот автор

Скопје, 27 април 2026 (МИА) - Кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало во општина Центар денеска од 17 часот ќе се одржи настан со кој ќе се одбележи роденденот на големиот драмски автор.

Целта на настанот, кој е дел од годинашната програма за култура на Општина Центар, е да се одбележат творештвото на Стефановски, неговиот дух и неговото присуство во културниот и општествениот живот преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори.

Домаќин на настанот ќе биде неговиот син, Игор Стефановски, кој ќе пречека и ќе разговара со блиски пријатели и соработници на Горан присетувајќи се на родендените што ги славеле заедно, како и на неговиот живот, хумор, идеи и оставина. 

Програмата ќе вклучи настап на хорот „Мирче Ацев“ со неколку од омилените песни на Горан, ќе настапи и младата џез-формација „Трицкл“ и ќе бидат изведени неколку актерски монолози од делата на Горан Стефановски.

Според најавата, ќе биде поставена и ликовна изложба со портрети од Горан Стефановски насликани од уметникот Ненад Рафајловски, а музичката атмосфера ќе ја заокружи диџеј Шурбе.

- Настанот, во режија на Војо Цветановски, е замислен како отворена и топла средба на пријатели, уметници и граѓани, кои заедно ќе го прослават роденденот на Горан Стефановски на местото што симболично го чува неговото сеќавање - спомен-клупата во Скопје. Преку збор, музика, уметност и сеќавања ќе се испрати порака дека Горан Стефановски и понатаму живее во културата, во градот и во луѓето - соопштија организаторите. 

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, ги покани сите почитувачи на книжевноста и делото на Горан Стефановски да се придружат на настанот за, како што вели, „заедно да ги одбележиме неговото творештво, неговиот дух и неговото присуство во културниот живот,преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори“. 

Општина Центар соопшти дека со години реализира настани и уредува уметнички катчиња, посветени на животот и делото на славниот дебармаалец Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 - Кантербери, Обединето Кралство, 27 ноември 2018).

Како што соопшти денеска Драмскиот театар Скопје, по воспосватувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава за првпат беше распишан Конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад

По повод денот на раѓањето на Горан Стефановски, Драмскиот театар Скопје денеска организира прес-конференција за конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор, на која ќе се обрати претседателката на Комисијата, драматургинката Викторија Рангелова-Петровска. хс/дма/

Фото: Општина Центар / МИА архива 

Остани поврзан