• сабота, 22 февруари 2025

„Загревање“ за Скопје Синема Сити - проекција на музички документарци во Котур

„Загревање“ за Скопје Синема Сити - проекција на музички документарци во Котур

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Во пресрет на новото издание на „Скопје Синема Сити“, од денеска до сабота во Скопје ќе се одржи настанот „Загревање“ во рамки на кој ќе бидат прикажани музички документарци за рок фотографот Антон Корбајн, „Њу ордер“ и Моби.

Настанот го подготви Скопје Синема Сити - фестивалот кој веќе една деценија го негува музичкиот документарен филм, во соработка со клубот Кафе и филм - Котур.

-За да го одржиме ритамот до следното фестивалско издание на кое не чекаат многу изненадувања, од четврток до сабота, ви нудиме загревање со деликатесни музички документарци, во клупскиот амбиент на Котур“. Во овие три дена со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани три значајни музички документарни филмови: „Изнесено на Виделина“ за рок фотографот Антон Корбајн, „Њу Ордер - Декади“ за бендот Њу Ордер и „Моби Док“ за музичарот Моби.

Првиот филм, „Антон Корбајн: Изнесено на Виделина“, кој ќе се прикаже на 6 февруари, го следи животот на холандскиот фотограф кој ги создал некои од најпознатите портрети во изминатите четири декади како на Ник Кејв, Боуви, U2, Metallica и Nirvana.

Вториот филм, „Њу Ордер: Декади“, ја прикажува соработката на бендот Њу Ордер со Манчестерскиот Интернационален Фестивал и истовремено ја истражува историјата на групата, вклучувајќи ја и нејзината претходна инкарнација, Joy Division.

Последниот филм, „Моби Док“, ќе биде прикажан на 8 февруари и е експериментален биографски документарец за музичарот Моби, кој преку комбинација на интервјуа, реконструкции и архивски материјали ја прикажува неговата трансформација од бунтовен панк музичар во глобална суперѕвезда и активист. вг/са/

Фото: Скопје Синема Сити

Остани поврзан