• петок, 21 февруари 2025

Дебата „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“

Дебата „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии организираат дебата на тема „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“, што ќе се одржи вечер, во 19:00 часот, во Europe House Скопје, во рамките на 10. издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“.

Настанот ќе го отвори Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во земјава, а ќе учествуваат Жан-Габриел Ганасија, професор по информатика на Универзитетот во Сорбона и автор на десетина книги, вклучувајќи ја и последната, „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“ (2024), Андреа Кулаков, професор на Факултетот за информатика и компјутерски технологии и Илија Тирицовски, продуцент, кој ќе го претстави проектот „РеKреирање на иконите“.

Модератор на дебатата е Филип Аврамчев, организатор на Меѓународниот самит за вештачка интелигенција, што се одржа во Скопје, во октомври 2024 година.

-Дискусијата ќе се фокусира на тоа дали вештачката интелигенција може да создаде оригинална уметност или само ги репродуцира постоечките модели, дали може да ги замени уметниците и писателите или, пак, да служи како алатка која ја поттикнува иновацијата, потоа како да се дефинира улогата на авторските права при дела создадени со помош на ВИ, како и на начинот на кој оваа технологија може да ја демократизира глобалната пристапност до културата и уметничките дела.

За дебатата е обезбеден симултан превод. вг/са/

Фото: Плакат, Француски институт

Остани поврзан